Господине Георгиевски, поранешниот шеф на УБК, Богоевски за време на вчерашното гостување во Топ тема на Телма телевизија, меѓудругото изјави дека вие сте го поставиле лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски за министер за финансии за да го потпише договорот за продажба на ОКТА, а подоцна и по предлог на грчкиот бизнисмен Димитри Кондоминас да стане лидер на партијата. Како реагирате на ваквите тврдења на Богоевски?
Можам да ви кажам дека прво моето мислење за Слободан Богоевски е дека е еден од најмрачните ликови на севкупната македонска транзиција и мене ми е жал што ,нели, сега во ова време на критика на актуелната власт, која заслужува и треба да се критикува им се дава шанса на секакви луѓе кои просто не заслужуваат ништо друго освен да бидат игнорирани од времето. Значи за политичкиот дел на Слободан Богоевски можам да зборувам многу за да ја потврдам таа негова мрачна улога во севкупната македонска политика. Што се однесува сега малку на делот за Кондоминас. Сакам да ја потсетам македонската јавноста на неколку работи дека ако некој му е познаник, да не речам пријател на Кондоминас тоа е господинот Слободан Богоевски и ,според моја информација, нивното познанство датира од времето кога министер беше Фрчковски и онаа фамозна приказна за доаѓањето на некој грчки генерал кој го криеле овде во Македонија, а за тоа наплатиле пари. Значи од тогаш датира пријателството на Кондоминас со Богоевски, а подоцна исто така со ,нели, некои информации кои ги имам нивното пријателство се зголемува до таму што куќата што ја имал Слободан Богоевски на Водно ја продава за над милион евра на Кондоминас, а син му одредено време е директор на фирмата на Кондоминас овде во Македонија и на крајот само ќе ве потсетам дека делото за кое лежеше затвор господинот Слободан Богоевски, затоа што фалсификувал потпис на Кондоминас и на тој начин му има узурпирано имот кој се наоѓа некаде на територијата на Скопје.
Е сега тоа е за релацијата Кондоминас - Богоевски. За релацијата на Кондоминас со нашата Влада најодговорно тврдам за времето кога се приватизираше ОКТА никој од Владата на Република Македонија немаше чуено, ниту пак, Кондаминас се појави во Македонија кога се приватизираше ОКТА, ниту имаше некаква улога во приватизацијата на ОКТА.
Целата приватизација одеше во директни преговори до грчки владини претставници. Јас ќе ве потсетам само колку пати доаѓаа грчки министри за да се заврши целата таа приватизација. Кондоминас се појави во Македонија со приватизација на Телеком, меѓутоа никој од Македонија него не го бараше, туку него во Македонија го донесе Дојче телеком. Јас првпат со Кондоминас се имам запознаено кога во Македонија доаѓа еден од директорите на Дојче телеком и го претставува Кондоминас како партнер. Тоа е најодговорно што ви го тврдам. Не знам какво било пријателството меѓу Кондаминас и Никола Груевски, немам таков впечаток од тоа време и немам некои посебни детали, меѓутоа дека Кондоминас сугерирал Никола Груевски да биде министер, премиер или претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е комплетен нон-сенс, тоа е толкување на еден човек кој се има комплетно искомпромитирано пред правниот систем на Република Македонија и сега сите му се криви. И повторно потенцирам дека Слободан Богоевски треба да ни го раскаже неговиот однос со Кондоминас, колку време се пријатели, каков бизнис однос имале и како дошло на крај тој да му го узурпира имотот на Кондаминас. Никој друг не му е крив, освен тој самиот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Дали токму како министер за финансии господинот Груевски го потпиша договорот со Окта како што тврди Богоевски?
Јас на тоа не се сеќавам, морам да кажам дека не знам кој точно го потпишал договорот, меѓутоа одговорноста беше на целата Влада. Целата Влада и јас како премиер учествуваме во таа приватизација и до ден денеска, сметам дека тоа е еден добар договор и тоа беше најголемата странска инвестиција до тогаш направена во Македонија. Значи само ќе ве потсетам дека во времето на претходниот мандат на СДСМ, ОКТА двапати беше банкротирана и два пати беше санирана од страна на државата. Значи два пати банкротирана, два пати санирана, и беше прва на листата на Светската банка по моделот треба да се затвори или да се приватизира во рок од шест месеци. Ние го направивме тоа што беше најдоброто. Од фирма која требаше да биде затворена еве до денеска таа работи. А да не зборувам дека во тоа време имаше еден податок дека парите што Македонија ги доби само за ОКТА, беа повеќе од сите пари за целата приватизација што беше направена во Република Македонија а таа беше до тогаш веќе 90 проценти завршена.
Значи не сте го познавале Кондаминас до неговото доаѓање со Дојче телеком?
Кондаминас се појавува во Македонија, во контекст со нашата влада со приватизацијата на Телеком, а таа е после приватизацијата на Окта. Да се поврзува името на Кондаминас со приватизацијата на Окта е тотална небулоза.