По цели 25 години од праизведбата во 1991 година, Срѓан Јаниќиевиќ, кој патем тогаш му бил асистент на српскиот режисер Драгољуб Тодоровиќ, наново посега по текстот на Дејан Дуковски и на сцената на МНТ, како претстава за млади, ја исправа „Силјан Штркот шанса“.
Говорејќи за пиесата тој појаснува дека нему овој текст му е долго во главата, дека е многу важен во неговиот живот. Дури донекаде и автобиографски.
„Силјан Штркот“ е македонска верзија на „Петар Пан“. Има многу конотации коишто мене многу ми значат и кои најверојатно ќе ги видите во претставата. Многу ми е битно што во МНТ работам текст на Дејан Дуковски, мој другар, пријател и автор чии дела и порано сум ги поставувал и со екипа која што многу добро ја знаете. Јас во оваа куќа сум израснал и театарски и секако, и добро знам дека овде ќе ви се случи сценска промена дури и кога не сте ја побарале. Многу сум среќен и задоволен затоа што секој во претставата даде најмногу што може и тоа за мене е исклучително важно затоа што верувам во театар на синергија, а не на заповеди“, вели Јаниќиевиќ.
Во претставата играат актерите Нино Леви, Магдалена Ризова, Нина Деан, Висар Вишка, Марија Новак, Ана Стојановска, Синиша Кајевски, Тина Трпковска, Кире Ѓоревски и други, а насловната улога му е доверена на младиот Александар Михајловски.
„Светот на Силјан е магичен, волшебен, прекрасен, но и многу суров. Мислам дека е многу сличен на светот во кој живееме денес - прекрасен свет кој знае да биде и многу суров“, истакнува Михајловски, кому ова му е прва голема улога во МНТ.
Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска која за „Силјан Штркот шанса“ вели дека е нешто помеѓу претстава за деца и кабаре, со минимална модерна естетика и со реквизити преку кои е зачуван македонскиот фолклор. Како кореографка во овој проект се јавува Александра Кочовска-Начева, а во функција на приказната е и музиката за која во случајов се задолжени наменскиот бенд за оваа претстава - инструменталниот тим „Погани штркови“ и вокалниот - „Кокошките од пеколот“.
Во овој контекст е образложението на Јаниќиевиќ во врска со насловот на претставата, зборот што авторот Дуковски во својот текст го додал на оригиналниот наслов на познатата македонска приказна.
„Шанса доаѓа од „штрковски“ - танцува. Значи, Силјан Штркот танцува. Тоа е „преводот“. Всушност, кога не ги гледаме како разговараат за политика, економија, за живот ...штрковите играат. Си танцуваат во Штркландија“,вели Јаниќиевиќ.
Тони Михајловски, уметничкиот директор на МНТ, појаснувајќи го проектот „лектира – театар“, потенцира дека намерите во иднина им се да црпат од лектирите кои се обработуваат во основните и во средните училишта бидејќи децата, како што ќе рече, се неисцрпен извор за публика.
„Ова не значи дека му се мешаме во работата на Театарот за деца и младинци, туку се она што не може да се покрие со еден театар, МНТ се обидува да го направи со еден ваков потег. Препорачливо е сите театри во својот град да се обидат да го направат затоа што децата се онаа публика што треба да се искали за да се научи на театар, уметност, размислување, на поинаков свет. Доволно ќе биде барем 30 отсто од децата што ќе бидат опфатени со тој проект да останат верни на театарот и уметноста, тоа е добра публика за во иднина“, вели Михајловски.
Инаку, проектот доаѓа на 70-годишнината од првата куклена детска претстава во МНТ - „Силјан Штркот“, работена според избор од македонското народно творештво забележано од Марко Цепенков, а во драматизација и режија на легендарниот Петре Прличко. Токму тој проект му бил инпирација на Дејан Дуковски за неговиот текст на почетокот на 1990-те, а од нашата национална театарска куќа веќе најавуваат дека следната претстава на лектирниот театар ќе биде „Аладин“ што ќе ја режира Бојан Трифуновски.