Достапни линкови

Битолчаните „Д Гаврмент“ со јасна порака: Разбуди ме!


Д Гаврмент, музичка група
Д Гаврмент, музичка група

„Разбуди ме!“ е насловен дебитантскиот албум на македонскиот бенд Д ГАВРМЕНТ што неодамна се појави како издание за влијателната белградска издавачка куќа „Тејк ит ор лив ит“. Неговото обнародување беше следено и од видео синглот „Црна земја“, а изданието содржи осум авторски песни со текстови инспирирани од тмурното секојдневие на малиот човек во овој разбуричкан дел од светот.

Сниман во текот на 22015 година во студиото на Младинскиот културен центар во Битола, „Разбуди ме!“ - дебитантскиот албум на Д ГАВРМЕНТ е едно од оние изданија кои со својата енергија и присутна поетика, ве освојуваат на „прва топка“. И притоа нема никаква двојба дека се работи за повеќе од солидна објава која е плод на повеќегодишната работа на веќе профилирани музичари и нивната потреба гласно да го опеат наталожениот чемер.

Не сум некој поет. Некој кој може да каже „еве сега ќе седнам и ќе напишам некаков навистина атрактивен текст“, но без разлика на тоа дали се или не атрактивни текстовите, тврдам дека се максимално искрени. Впрочем, тоа е и идејата.
Горан Јаневски , музичар

Албумот инаку содржи осум авторски песни со текстови во кои е акцентиран социјалниот момент, сите инспирирани од секојдневните прашања што го тиштат малиот човек. Неговите дилеми, борбата да се преживее во овој систем на измешани вредности, криминал, корупција и лаги, оваа наша квази-демократија во која нема заветрина за обичните. За единката. За човекот. Затоа пораките на Д ГОВЕРМЕНТ се јасни, недвосмислени, наместа симболични и саркастични, често иронични и над се болно искрени.

„Се работи за една животна слика. Има песна со наслов „Разбуди ме!“, потоа песна која се вика „Политичар“, па една друга насловена како „Run Baby Run“, за една, така да кажам, промашена љубов, значи пишувавме за сè она што му се случува на човекот во период од неколку години – пет, шест, десет. Не сум некој поет. Некој кој може да каже „еве сега ќе седнам и ќе напишам некаков навистина атрактивен текст“, но без разлика на тоа дали се или не атрактивни текстовите, тврдам дека се максимално искрени. Впрочем, тоа е и идејата – да го кажам тоа што го живеам, тоа што го мислам“, вели пејачот и гитаристот Горан Јаневски, кој автор на поголемиот дел од музиката и текстовите на песните.

Неговото име нераскинливо е врзано со еден од култните (алтернативни) битолски бендови ТРИ МИНИТС ИН Д РЕИН, а предисторијата вели и тоа дека всушност корените на Д ГАВРМЕНТ се удрени во времето кога со Златко Никодиновски (гитара, придружен вокал), како средношколци, решиле да свират. Во тој период и нешто потоа „им било интересно да обработуваат туѓи, „класични“ рок нумери и сè така до некаде 2014, кога собирајќи ги околу себе Томе Спасовски на бас и Александар Тунев на тапани го заокружат пожелуваниот музички мозаик.

Во втората половина од минатата година конечно влегуваат во студио и по некое време, сосема неочекувано, зад комплетниот материјал како издавачи ќе застанат луѓето од реномираната белградска етикета „Тејк ит ор лив ит“.

„Денес е поинакво време. Има интернет, има сè. Сè се следи, многу полесно стигаш до било каква информација. За видео, за музика, за што било. Од Белград случајно нè контактираа и ни предложија албумот да излезе со нивна етикета како дигитално издание. Да го има на дигиталните платформи. И сега се продава на Амазон, Ајтјунс и на еден куп други дигитални платформи. Се договоривме да нема физичко издание бидејќи заедничкиот заклучок е дека во денешно време никој и не купува такви изданија. Еве, јас лично, сè што имам од музика дома ми е во фајлови на компјутерот. И така стана, со тоа што ние на своја рака си отпечативме одредена количина на промо цедеа чија намена е да се делат на промоциите и на идните концертни настапи“, дополнува Јаневски.

Инаку, наспроти плановите за промоција на албумот, Д ГАВРМЕНТ се решиле неговото првично претставување да се случи на неодамнешниот фестивал што како организатор го попиша Центарот за култура – Битола и на кој настапија и ВЕРКА со уште неколку други локални и скопски бендови.

„Пожелно беше да се појавиме на Фестивалот, така што ни пропадна првичната идеја. Ќе беше бесмислено да правиме самостоен промотивен концерт затоа што материјалот ни е краток, нешто малку повеќе од 30 минути, еден албум и толку. Најверојатно ќе направиме некаква промоција, ама кога и како, навистина не би знаел. А, планови за концерти има и тоа многу. Допрва треба да се разсвируваме“, вели тој.

Од друга страна, обелоденувањето на „Разбуди ме!“, беше следено и со видеото за песната „Црна земја“, која се најде и на саундтракот за филмот „Обожение“ на Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, а каде музиката е дело на Горан Трајковски. Впрочем, со него Јаневски соработува подолго време, а неодамна беше и еден од музичарите кои го овозможија исправањето на сцена на прекрасниот проект со театарски песни - „На светов убавина“.

„Со Горан Трајковски се дружиме уште некаде од 2008 година. Со него работевме на проектот на Александар Вељанов, свиревме на турнеи и по фестивали во Германија, потоа соработувавме на „Биоскопија“ - албумот што го сними со Елена Христова, лани со Сеад Хаџиќ Сецко и со Сашко Костов бевме во неговиот гитарски бенд на отворањето на „Синедејс“, еве сега сум и во „На светов убавина“ со кој по МНТ најверојатно ќе има уште неколку претставувања на различни сцени во земјава и надвор од неа“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG