Јубилејно 10-то издание на фестивалот „Златна лира“

Илустрација: Пијано

Со концертот на „Акордио М“, проектот на Зорица Каракутовска и Филип Стамевски со нивните бројни пријатели, вечерва, во Музеј на Град Скопје, свечено ќе биде отворено 10-то издание на фестивалот „Златна лира“, единствен во заложбата за промоција и презентација на македонските репродуктивни уметници и домашното творештво.

Шест концертни вечери се планирани за годинашното 10-то јубилејно издание на „Златна лира“, Фестивалот на музичките уметници на Македонија што ќе се одржи во периодот од 18 октомври до 1 ноември во Музеј на град Скопје и Даут пашин амам. Свеченото отворање ќе го сторат акордионистите Зорица Каракутовска и Филип Стамевски, кои помогнати од своите бројни пријатели, како пијанистката Марија Ѓошевска, виолинистот Зоран Џорлев, ДУО ПАН и други, ќе понудат изведби на дела од великаните Шуберт, Бах, Пјацола, Галиано...

Три дена подоцна, в петок, на истиот подиум во Музеј на град Скопје, е предвидено да настапат гостите од соседна Бугарија – виолинистката Евгенија Марија Попова и Димитар Пенков на виола, инструменталистот кој во последно време живее и со успех настапува во Германија.

За 24 октомври пијанистката Елена Костовска го подготвува својот мултимедијален проект насловен како „Француско – шпански ароми“ и базиран на избор на дела од Купрен, Дебиси, Лекуона, Албениц и Гинастера, а веќе во среда, на единствениот концерт во Даут пашин амам, публиката ќе има можност да ја проследи изведбата на Љупчо Коскаров на труба, пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Маринивски и Владимир Чадиковски на гитара. Тие се одлучија за програма селектирана од добро познатите дела на Шостакович, Родриго, Мануел де Фаља, Леонид Берштајн и за камерна атмосфера со која сакаат да ги заведат љубителите на класиката.

Следува рециталот на гитаристот Борче Наумоски во кој тој ќе понуди изведби на дела на Виљалобос, Тарега, Џулијани и други, а за спуштање на завесата на ова издание на „Златна лира“ е планиран мултимедијалниот проект на сопранистката и певицата во подем Наташа Михајлова, која придружувана од пијанистката Елена Атанасовска Ивановска, ќе посегне по композиции на нашите Зографски, Скаловски, Николовски, Андреевска и Бранѓолица.

„Посебна чест ни е да го најавиме 10-то издание на „Златан лира“. Станува збор за интересна програма, разновидна програма, различни инструменти, различни формации, концепт на младост и на зрелост којшто со едно гостување на странски уметници сметаме дека е вистински показ за една богата и разноврсна програма за оваа специјална пригода“, вели Љубиша Кировски, претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија, организаторите на манифестацијата.

Промовиран 2007 година со идеја да ја збогати прославата за значајниот јубилеј – 60 години од основањето на СМУМ, но уште повеќе на виделина да го изнесе незадоволството на македонските репродуктивни уметници од односот на државата, музичките институции и другите фестивали поради ретката можност што ја добиваат за концертрирање во земјава, „Златна лира“ како фестивал и натаму останува единствен во заложбата за промоција и презентација на македонските солисти и домашното творештво. Сепак, наспроти таквите интенции и неколкуте исклучително успешни изданија, речиси и да не сменет односот на државата и институциите кон него.

И додека Кировски знае да каже дека работите „полека се менуваат на поарно“, дека тие многу очекуваат и од изградбата на новата сала на Македонската филхармонија со што би се решиле просторните проблеми и би имале побогат и поредовен камерен концертен живот, Љупчо Коскаров, претседателот на Собранието, е дециден во изјавата дека и натаму се игра по веќе „познатите ноти“. Дека тоа најочебијно се гледа од фактот што со години не е сменета сумата што Министерството за култура ја одвојува за „Златна лира“.

„Ние и овојпат ќе го реализираме фестивалот, но понатака и кој да дојде мислам дека нема да продолжи со ова темпо. Навредува тоа што за субвенции на одредени колеги од поп музиката, да не ги кажуваме сега со име и презиме, се даваат по 10 илјади евра, а ние како Здружение на музичките уметници на Македонија, замислете јас сум доктор на науки, а Кировски е професор на Академија, имаме само 300 илјади денари за реализација на еден така добар фестивал којшто е многу значаен за државата и за нејзината култура“, вели тој.

Коскаров истакнува дека ова го кажува не само во негово лично име, туку и во име на сите музички уметници од земјава, членови на Здружението, со дополна дека иако лани е аплицирано за средствата, тие во предвечерието на „Златна лира“ сè уште трпеливо ги чекаат да легнат на сметката и како по традиција неговата реализација ќе ја почнат на „жими мајка“.