Уште една условена препорака од ЕУ

Поради политичката криза и одложуваните избори Македонија очекува од ЕУ повторно условена препорака. Кризата и нестабилните институции ги забавија реформите, но по изборите земјата треба да се врати на обврските.

И оваа година многу е извесно Македонија да добие условена препорака како и во 2015, вели вицепремиерот за евроинтеграции Арбр Адеми во пресрет на новиот извештај за напредокот на земјата кон ЕУ.

„Сето ова е поради политичката криза и неколкупати одлаганите избори. Како и секогаш верувам дека ќе добиеме објективен и коректен извештај каде што ќе се нотира нашиот напредок, особено напредокот во политичкиот дијалог. Извештајот на ЕК секако дека ќе содржи забелешки и препораки пред сè во делот на политичките критериуми, особено за областите кои се опфатени со идните реформски приоритети, особено во правосудството, слободата на изразувањето, борбата против корупцијата итн.", изјави Адеми кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој објаснува дека во услови на политичка криза, неизвесност околу одржувањето на изборите и несигурноста на работата на Собранието и други државни институции не можело да се спроведат длабоки реформи и оти за тоа е непходен широк политички и општествен дијалог, а за некои реформи и поширок консензус. По организирањето и спроведувањето на изборите, како што речи Адеми, останува обврската за максимално спроведување на потребните рефори. Тој нагласи дека најголемиот предизвик сега се престојните избори.

„Да покажеме и докажаме дека имаме капацитет и посветеност да организираме избори кои ги исполнуваат меѓународните стандарди чии резултати ќе бидат широко прифатени. Како политички чинители потполно сме свесни за последиците кои може да произлезат од евентуалните компликации и околу изборите, но и околу работата на СЈО. До тоа никој не сака да дојде, а одговорноста е врз политичките чинители кои се инволвирани во политичките преговори“, вели Адеми.

И експертите очекуваат повторно во фокусот на извештајот да бидат проблемите поврзани со политичката криза, нејзиното решавање и сите точки од Пржинскиот договор со оценка за нивно исполнување.

Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование, вели дека во извештајот во преден план ќе бидат подготовките за изборите и оти една од точките сигурно ќе биде дали е испочитуван датумот за изборите

„Очекувам да се задржи истата формулација за препораката од минатата година. Таа препорака ќе биде условно дадена, значи повторно ќе биде замрзната, но условена од спроведување фер и демократски избори и на точките од Пржинскиот договор. Извештајот на Прибе ќе биде основа за критики и анализи во повеќе поглавја, но исто како и минатата година ќе доминираат прашања поврзани со и околу политичката криза“, вели Маричиќ.

Тој вели дека минатата година политичката ситуацијата била подраматична и оти сега кога сме во предворјето на изборната кампања не очекува да ни биде одземена препораката. Според Маричиќ тоа би го намалило и кредибилитет на ЕУ која цело време се трудела да ја одржи препораката за да има Македонија шанса после оваа криза да работи на полето не преговорите со Унијата.