Значи, Собранието ќе се самораспушти на 17 октомври, ама откако ќе биде усвоен буџетот за 2017 година! Ова е веста што ја чекаше јавноста во земјава и за која, како што напиша Утрински, власта и опозицијата „си играа пинг-понг“. Утрински наведува дека точката за распуштање на Собранието неговиот актуелен претседател Трајко Вељаноски ја ставил како дополнување на дневниот ред на седницата закажана за 17 октомври веднаш по точката која се однесува на усвојувањето на буџетот за идната година.
И Нова Македонија информира дека „Собранието ќе се распушти в понеделник“ со објаснување на пинг-понг партијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ: „СДСМ побара да се распушти Парламентот уште на вчерашната седница за да се закажат изборите на 11 декември, но претходно собранискиот претседател имаше закажано седница за буџетот за идната недела“, пишува весникот.
Вечер со свој наслов за истава тема: „Пак трикови – СДСМ сака распуштање на Собрание, но без државен буџет“.
Вечер го коментира и протестниот марш на опозицијата, граѓани и невладини организации на националниот празник 11 Октомври, илустрирано со фотографија на автобуси на Партизанска: „Скапата парада на Заев: Да не беа Струмица и Куманово, во Скопје ќе маршираа духови“.
Слободен печат реагира на изборот на баџанакот на Сашо Мијалков за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур: „Баџанакот на Мијалков од второ место рипна на прво пред Габер-Дамјановска – Јован Илиевски е нов судија во Стразбур“.
Дневник од свои извори во Парламентарното собрание на Советот на Европа пренесува демант дека при изборот на Илиевски била направена некаква ујдурма: „Илиевски го минал филтерот на ад-хок комитетот – невозможно е да се влијае врз изборот на судија во Европскиот суд за човекови права“.
Слободен печат уште во еден наслов ја коментира истава тема: „Судија имам во Стразбур, аџанак баџанак, кој му стиска нека дојде“.
„Никола Димитров и формално се враќа во политиката“ - информира Утрински објавувајќи ја неговата изјава дека чувствува лична одговорност, сега кога земјата е во голема криза и кога е исправена пред историскиот тест дали ќе ја биде или не, да биде овде и да учествува во разврската што пропуштила да ја заврши неговата генерација.