На предизборниот митинг Обама изјави дека Трамп нема темперамент ниту знаење или, како што рече, желба за знаење или основна искреност што би требало да ги има еден претседател.
„И тоа беше вистина уште пред да ги слушнеме неговите ставови спрема жените“, рече тој.
Обама во врска со објавената снимка од 2005 година на која Трамп ги навредува жените изјави дека ваквото однесување мора да биде осудено од сите чесни луѓе.
Последните анкети покажуваат дека Трамп, по објавувањето на снимката минатиот петок, заостанува за рекордни осум проценти зад Клинтон.
Во исто време, испитувањата на јавното мислење покажуваат дека еден од пет републиканци мислат дека неговите вулгарни коментари го дисквалификуваат од претседателската трка.
Говорот на Обама постојано беше прекинуван од демонстранти, меѓу кои и двајца со маици на кои беше испишано „Бил Клинтон силувач“. Секогаш тие беа спроведувани од обезбедувањето надвор од салата.
По последниот протест, Обама и порача на публиката да не ги исвиркуваат демонстрантите на што тие почнаа да извикуваат „Гласај“.
Овој митинг се одржа два дена откако Клинтон и Трамп ја одржаа нивната втора јавна дебата во Сент Луис, Мисури.
На неа Трамп беше под притисок да ја обнови довербата во неговата кампања, особено откако десетина конгресмени изјавија дека се откажуваат од него.
Дури и спикерот на Претставничкиот дом на Конгресот, републиканецот Пол Рајан, изјави дека нема да го брани Доналд Трамп по неговите коменатри за жените кои предизвикаа широка осуда во земјата.
Рајан рече дека тој веќе нема да биде дел од кампањата на Трамп за изборите. Тоа, како што прецизира, не значи дека тој ја повлекува и неговата поддршка за Трамп, но исто така и дека веќе нема да го брани.
Трамп на ова преку Твитер му порача на Рајан дека не би требало да си го губи времето борејќи се за него.
Инаку, од оние што гледале барем дел од дебатата, според анкетите, 52 проценти изјавиле дека победила Клинтон, а 32 насто дека победник бил Трамп.
Што се однесува до партиски определните, дури 82 отсто од демократите изјавија дека победила Клинтон, додека 68 проценти од републиканците мислат дека победил Трамп.
Најновите анкети меѓу гласачите за можните резултати од претседателските избори на осми ноември покажуваат дека 48 отсто ќе гласаат за Клинтон, додека 38 проценти за Трамп.
Двајцата кандидати нивната трета и последна јавна дебата ќе ја одржат на 19 октомври.