Состаноците на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со конгресменот Пити Сешн и со помошникот секретар во национална безбедност Алан Берсин и некои колумни на американски аналитичари, но и на Груевски биле договорени преку компаниите во САД што ги плаќа партијата. Ова може да се види од извештаите на платените американски компании за тоа што сработеле во шестмесечниот период за владејачката партија од Македонија. Извештаите се објавени во Американската државна агенција за регистрација за странски соработници во Министерството за правда.
Во едниот извештај на компанијата Глобал Секјурити, која партијата ја плаќаше со два договора - едниот во вредност од 35 илјади долари месечно, а другиот од 140 илјади долари, како нивни активности се наведуваат средбите на Груевски со Сешн и со Берсин кои се случија на седми јануари годинава.
„Сешн до Груевски: Вашето присуство во Вашингтон е значајно за САД”, беа тогаш насловите во голем дел медиуми што важат за блиски до владејачката партија.
Преку другата фирма што ја имаа ангажирано - Њу партнерс консултинг, ВМРО-ДПМНЕ платиле и 5.000 долари за претплата за меѓународната медиумска база на податоци. Истата фирма во своите шестмесечни активности за клиентот ВМРО-ДПМНЕ ги пријавила и колумните на Груевски во Њузвик и текстот на американскиот аналитичар Мајкл Михан во Хил. Тој беше објавен на 10 декември лани со наслов „Нападот врз слободните медиуми е напад врз сите нас“. Овој текст се појави во период на сериозни меѓупартиски преговори дома за медиумските закoни, па со денови беше широко пренесуван и цитиран во провладините медиуми. Михан тогаш напиша дека „земјата е водена од Никола Груевски, про-НАТО и про-европски премиер, а коментарите на претседателот на СДСМ Зоран Заев за медиумите оцени дека биле враќање во темните времиња на македонската историја“.
Ваквите ангажмани имаат две цели - да се влијае на политиките на Соединетите Американски Држави, а преку пренесувањето на вестите во Македонија да се врамат како поддршка за владејачката партија, оценува Марко Трошановски од Институтот за демократија.
„Меѓутоа сметам дека ефектот од влијанието на овие посети врз американските политики е многу помал, особено во предизборието во Соединетите Американски Држави, така што повеќе овие посети имаат влијание врз домашната јавност, односно за да бидат користени како знак на поддршка од американските политичари кон ВМРО-ДПМНЕ“, вели Трошановски.
Колумната на Груевски за Њузвик, пак, беше објавена на 23 декември непосредно откако се дозна за договорот на партијата со компанијата Њу партнерс. Од нив ВМРО-ДПМНЕ бараше главно ангажман поврзан со портретирањето на Груевски во позитивна смисла во контекст на тогаш актуелната мигрантска криза. Колумната на тогашниот премиер беше под наслов „Мора да работиме заедно за да им помогне на мигрантите“.
Груевски минатата недела беше повторно во САД. Таму, како што соопштија од партијата, се сретнал со конгресмени, сенатори, претставници на американски невладини организации. Според договорите со три различни американски консултанстки и ПР компании ВМРО-ДПМНЕ од декември лани досега платиле околу 1,6 милиони долари.