Дали градоначалникот на Битола, Владимир Талески, имаше законско право да ја води општината додека беше во куќен притвор? Дали по определувањето на оваа мерка смееше да потпишува документација од дома? Дали други лица без дозвола на судијата од претходна постапка смееле да го посетуваат и да му приложуваат документација на разгледување и потпис? Одговор на овие прашања од надлежните институции веќе два месеца бара Габриела Илиевска, советник од ВМРО-Народна Партија во битолскиот Совет.
Барање за одговор поднела до Основниот Суд Скопје 1, Апелациониот суд во Скопје, а толкување на примената во пракса на член 163 од Законот за кривична постапка кој се однесува на тоа како се регулира куќниот притвор, побарала од Собранието на Македонија.
„Во оваа држава тешко е да се добие мислење, а не пак да се добие правда. Борбата за докажување на незаконското работење на Талески продолжува. Немам намера да запрам сè додека некој институција не ми одговори како може еден градоначалник од куќен притвор да ја води општината. Дали некоја од повиканите институции конечно ќе се одважи и ќе одговори на поставените прашања и ќе се замеша во сопствените надлежности? Тажната сага за Битола продолжува и нема да заврши додека вистината не излези на виделина, а тоа е дека Талески во изминатите месеци од куќен притвор незаконски ја водеше државата“, вели Илиевска.
Добила само неколку одговори од кои не е задоволна, па јавно го повика на помош и народниот правобранител Иџет Мемети.
„Добив одговор од Апелационен суд дека тие не биле надлежни за тоа. Исто добив одговор и од Собранието на Македонија дека како советник немам право за предметното барање. Сметам дека и како советник и како граѓанин ми се нарушени законските права за добивање на информации и мислења од надлежните институции. Токму затоа се обраќам до Народниот правобранител да побара автентично толкување во врска со примената во пракса на член 163 од Законот за кривична постапка кој се однесува на тоа како се регулира куќниот притвор“, вели Илиевска.
Градоначалникот Талески откако излезе од тримесечниот куќен притвор потврди дека цело време бил во контакт со општинската администрација, поради што работењето на Општината го проверувале и од СЈО, но немало реакција од нив.
„Многу луѓе си правеа полемика, па ни ги предизвикаа и од СЈО да дојдат уште еднаш да проверат што работиме, иако и тие го имаа истото решение. Тврдам дека во текот на изминатите три месеци немаше никаков застој во однос на реализацијата на проектите, програмата изгласана преку Советот. Целата администрација будно 24 часа беше во контакт со мене и јас комуницирав со нив“, рече Талески.
Во Советот на Општина Битола, советничката Илиевска претходно бараше да се види и решението за куќен притвор за Талески со цел советниците да се запознаат со неговата содржина. Но, тоа не беше направено.