Суомалајнен - Добар напредок кон кредибилен избирачки список

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Соумалајнен - Добар напредок кон кредибилен избирачки список

Мислам дека добри мерки се преземаа со цел да се осигури дека избирачкиот список е кредибилен, вели шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Македонија Нина Суомалајнен во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Таа вели дека избирачкиот список секогаш треба да ја рефлектира актуелната ситуација, а не таа од пред 10 или 5 години и да подлежи на автоматски периодични проверки.

Амбасадорке политичките лидери на четирите најголеми партии се договорија изборите да се одржат на 11 декември. Создадени ли се сите предуслови за изборите да бидат регуларни?

Како што ни е познато четирите политички партии навистина ова лето се согласија, што се однесува до нив, има предуслови за да може да се организираат предвремените избори. Секако беа преземени и бројни чекори од тогаш. Беше воспоставена владата која треба да ги организира изборите, потоа главниот уредник на вестите во МТВ1, ад - хок телото за мониторинг на медиумите и исто така методологијата за мониторинг на медиумите беше договорена. Така што на некој начин беше остварен добар напредок со цел организирање на предвремени парламентарни избори. Нареден чекор очигледно ќе биде распуштањето на Парламентот и секако, како што беше договорено согласно крајниот рок, и понатаму Државната изборна комисија да продолжи со работа кон организирањето на предвремените избори. Така што во моментов ситуацијата изгледа многу добро и исто така се надеваме дека ќе продолжат потребните чекори и спроведувањето на Договорот.

После многу дебати во јавноста за Избирачкиот список, според многумина тој се прочистил за незначителен број на гласачи. Колку навистина избирачкиот список е прочистен?

Верувам дека е направен важен напор од страна на ДИК, МВР и експертите и секако политичките партии го адресираа ова во договорот. Мислам дека добри мерки се преземаа со цел да се осигура дека избирачкиот список е кредибилен. Секако избирачкиот список секогаш треба да ја рефлектира актуелната ситуација, не ситуацијата од пред 10 или 5 години, туку кога луѓето навистина живеат. Во многу земји тоа се прави автоматски. Секоја година, да речеме, на 1 јануари, кој живее таму гласа во таа изборна единица. Така што, на истиот начин како изборните единици, така и избирачкиот список треба да подлежи на автоматски периодични проверки. Сега беа преземени некои мерки во однос на овие речиси 40 илјади луѓе. Некои од нив повторно се регистрираа, а за останатите се уште ќе има шанса да се регистрираат пред изборите. Што се однесува до оние 170 илјади на дополнителната листа, за индивидуите за кои се верува дека најверојатно се во странство, се постигна согласност да има дополнителен мониторинг на изборите. Мислам дека е направен добар напредок во вистинската насока.

Побара ли Владата засилен долгорочен и краткорочен мониторинг од ОБСЕ/ОДИХР како што беше најавено?

Навистина ОДИХР, Канцеларијата за демократски институции и човекови права, стационирана во Варшава е независна институција од ОБСЕ и тие беа поканети за изборите кои беа закажани порано годинава и оваа покана се уште е во игра и на некој начин е истиот изборен процес и тие сега добија дополнителни средства од 57-те земји членки на ОБСЕ со цел да продолжат со процесот на набљудување на изборите подоцна годинава. Така што планираат да дојдат во редовна набљудувачка мисија. Вообичаено има 200-300 краткорочни набљудувачи. Околу 20-30 долгорочни набљудувачи. Вообичаено доаѓаат 6-8 недели пред изборите. Сега е на нив, ние чекаме да добиеме информации кој е нивниот временски период за набљудувачката мисија. Верувам дека ќе биде стандардно и сосем доволна набљудувачка мисија. Мислам дека тоа ќе биде доволно и за овие избори.

Остануваат и уште неколку обврски да се завршат поврзани со изборите. Може ли на крајот единствена пречка за нивното одржување да биде само евентуалната одлука на Уставниот суд за прогласување на Специјалното јавно обвинителство за неуставно?

Ова исто така беше адресирано со Договорот на четирите партиите во јули и јас верувам дека тие се посветени доколку е потребно и доколку Уставниот суд донесе некоја одлука за ова прашање тогаш политичките партии се обврзаа да направат измени на законот ако е потребно. Верувам дека таа обврска ќе биде спроведена. Верувам во тоа. Не би скала да одам во веројатности на некои прашања и се разбира фокусот треба да биде на спроведувањето на Договорот од Пржино и вториот дел од овој договор потпишан летоска поврзан со сите овие аспекти.

Прашањето што со бегалците и мигрантите е се уште жешка тема во Европа. ОБСЕ неодамна предупреди дека регионот ќе се соочи со големи предизвици. Очекувате кризата да земе поголем замав?

Мислам дека е предизвик за сите земји, како и за меѓународната заедница, но пред сè земјите од целиот свет, зборувам за ЕУ, за ЈИЕ, предизвик е навистина да се одржи балансиран пристап, бидејќи очигледно е дека има потреба за помош на оние кои бегаат од војна и кои бегаат од конфликт и од кривично гонење. Но, секако тука е потребата и од контрола на приливот, а исто така како што знаеме понекогаш има и загриженост за безбедноста . Така што се сведува на тоа како да се комбинираат овие две прашања на еден хуман начин, но и на начин со кој се осигурува дека земјите се уште знаат што се случува на нивните територии. Навистина е тешко да се претпостави ситуацијата. Продолжува конфликтот во Сирија. Исто така има загриженост за ситуацијата во Ирак и Авганистан, иако беа прогласени за безбедни, барем делумно некои области. Секако има луѓе кои планираат и сакаат да си одат и ќе се обидат да најдат подобро место. Но, она што верувам е дека е особено важно да се координираат напорите во секоја земја. На пример важна е адекватната регистрација на луѓето и нивната идентификација кога влегуваат и секако можностите да бараат азил кој е обезбеден според меѓународните стандарди. Тогаш да се донесе одлука за барањето за азил, како и обезбедувањето помош за жените, децата и старите луѓе и соработката со другите земји. Мислам дека има уште многу нешта што треба да се направат, но земјите од регионот веќе направија доста чекори.

Целото интервју со шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалајнен, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.