Некои велат дека се клучни за успех. Други пак, дека станува збор за забава на публиката и оти не влијаат многу. Некои политичари се плашат од нив, други, пак, напротив ги посакуваат како еден од начините да ги придобијат гласачите. Станува збор за предизборните телевизиски дуели. Најпознатите се секако во САД.
Гоце Атанасов
Првото од трите предвидени телевизиски соочувања на кандидатите за претседател на Соединетите Држави, Хилари Клинтон и Доналд Трамп, стана едно од најгледаните во долгата американска историја на изборни дебати. Преносот го следеа над 82 милиона гласачи. Претходниот рекорд бил постигнат пред 36 години кога се соочија демократот Џими Картер и републиканецот Роналд Реган. Но, да се потсетиме, тоа соочување се одржа пред интернетот и кабелската телевизија кои ја делат публиката. Колку за споредба, оваа година преносот за Оскарите го гледале „само“ 34 милиони луѓе. Ова е само еден од показателите колкав интерес владее во американската јавност не само за овие претседателски избори. Па, се поставува прашањето дали станува збор за забава на публиката или за момент во кампањата која може да ги реши неопределените гласачи да одберат некој кандидат поради неговиот добар настап. Дебатите, според аналитичарите, можат да го променат клатното во анкетите и до четири отсто, но обично по извесно време тој раст се намалува. Како и да е, претседателските дебати во САД во минатото имаа извесно влијание врз резултатот од изборите, па затоа кандидатите добро ја подготвуваат стратегијата како да им доскокнат на ривалите. Годинава, особено е интересно поради непредвидливиот Трамп кој и досега во кампањата излегувал од рамките на прифатливото однесување и зборување.
Репортерката Џил Серџинт вели:
„Постои елемент на опасност тука. Трамп се покажа како комплетен џокер. Ние не знаме со што ќе излезе. Тој е шоумен. Исто така тоа е човек кој го направи своето име како ѕвезда на телевизиски риалити шоуа. Од друга страна, ја имаме Хилари Клинтон. Таа е првата жена која се кандидира за претседател. Затоа ова е навистина високо ризичен настан.“
Досегашните претседателски дебати остануваа запаметени по досетките на кандидатите кои им донесуваа победи на изборите, но и по гафовите кои придонесуваа за нечиј пораз. Од друга страна, годинава се соочуваат досега најнепопуларните претседателски кандидати. Според некои анкети, 58 отсто од гласачите велат дека не го сакаат Трамп, додека 55 проценти тоа истото го велат за Клинтон.
Инаку, ТВ дебатите најчесто се поделени на неколку сегменти од по 15 минути за теми меѓу кои се на пример: во кој правец се движи Америка, како да се обезбеди нејзината национална безбедност, економската сила на земјата, вработувањето, здравството. Модераторот секој сегмент го почнува со прашање по што кандидатите имаат две минути да одговорат, па се развива меѓусебна дискусија од десетина минути.Аналитичарите велат дека на овие дебати е многу важно и тоа дали кандидатите го напаѓаат и навредуваат ривалот или сакаат себе да се претстават како вистинска личност за Белата куќа. Аналитичарите додаваат дека Клинтон и Трамп сериозно ги анализираат снимките и говорите на својот ривал и оти колку трката е понеизвесна толку значењето на дебатите би можело да биде поголемо. Првиот претседателски дуел на телевизијата го имаа Џон Кенеди и Ричард Никсон во 1960 година по што Кенеди влезе во Белата куќа. Во текот на многу неизвесната трка, во првата дебата Никсон изгледал уморно, додека Кенеди зрачел со харизма. Иако тие имале уште три дебати, токму првата беше решавачка Кенеди да победи иако дотогаш губеше на анкетите. Во 1980 година републиканецот Роналд Реган исто така заостанувал во анкетите зад Џими Картер околу три отсто, но по ТВ дебатата имал предност од три проценти.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Монолог наместо дијалог
Во демократските земји политичките соочувања се сосема нормална работа, но во Македонија дебатите се реткост. Со години наместо политички дијалог, гледавме монолог, а политичарите за настапи преферираат прес конференции, испраќаат соопштенија и внимателно избираат на кои медиуми ќе се појават, но сами, вешто избегнувајќи го политичкиот противник. Единствената дебата меѓу политички противници засега се одвива во парламентот. Но дел од актуелните лидери на најголемите политички партии не се пратеници, а тие што се, пак ретко кога го посетуваат парламентот, па и таму не може да се соочат.
Комуниколозите велат дека политичарите избегнуваат дебата оти не сакаат да слушнат поинакво мислење.
„Укинувањето на политичките дебати од пред десет години до сега резултираше со губење на меморијата за тоа што значи критичко размислување, што значи контрирање на одредена тема со аргументирани ставови и што значи дебата во којашто две или три страни имаат различни точки на гледање и различни ставови за одредена политика“, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.
Граѓаните не очекуваат политичко соочување пред претстојните избори.
„Нема потреба, еден паметен, друг будала.“
„Би требало во секој случај, ако е во духот на демократските стандарди, па нека кажат што имаат и едните и другите. Ова е убав повод и прилика да се прекине таа лоша традиција, а тоа ќе биде поприфатливо и за избирачкото тело.“
„Јас не очекуваме политичко соочување, а ако сепак излезат тоа ќе биде добредојдено“, велат анкетираните граѓани.
Но и евентуално политичко соочување пред изборите нема нешто значајно да промени, вели Трајкоска.
„Периодот од сега до декември е исклучително мал за да може да има какво било влијание тоа што одредени политички лидери и не само лидери, јас не верувам дека политичките лидери ќе имаат политичка дебата пред избори онака како што бевме навикнати, онака како што е нормално во една демократска држава, но носителите на јавни функции и опозицијата ќе седнат на неколку ТВ дуели и ќе ги спротивстават ставови, мислења и политики.“
Можен ли е ТВ дуел Груевски - Заев?
За отсуството на политичката дебата, за тоа колку Политичкото дебатирање и медиумско соочување е поврзано со слободата на медиумите и колку дебатата може да влијае на граѓаните за тоа за кого да гласаат зборувавме со Радица Тодоровска, докторанд на полиитчки науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје.
Колку политичкото дебатирање и медиумското соочување е поврзано со слободата на медиумите?
Покрај степенот на политичка култура, демократскиот капацитет, генерално зборувам во државата, прашањето за политичкото дебатирање и телевизиското соочување, конкретно на политичарите, тесно е поврзано со слободата на медиумите, особено поради бизнис релациите на медиумите со политичките партии. Во предизборното претставување на политичките партии во Македонија, сведоци сме дека доминираат интервјуа на кандидати кои се чини настапуваат со однапред подготвени одговори подготвени одговори на прашања диктирани од партиите. Ова е метод на еднострана комуникација со гласачите без реплики, без контра аргументи и нема суштина која е карактеристична заактивната двонасочна комуникација на телевизиските дуели.
Може ли да очекуваме политичко соочување пред овие избори?
Искрено очекувам да имаме политичко соочување пред овие избори, особено сега кога се засили мониторингот за известувањето, но ќе видиме колку лидерите на партиите ќе покажат демократска зрелост и демократски капацитети. Верувам дека ќе го слушнат гласот на граѓанинот и дека ќе му овозможатовојпат после ваква бурна политичка ситуација да се соочат двете вистини за да можат граѓаните да просудат која политичка опција ќе биде најдобра за нив.
Целиот разговор слушнете го тука:
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Околу 25 илјади граѓани кои годинава се стекнуваат со право на глас ќе излезат на избори без притоа да видат како изгледа вистински политички дуел. Они што годинава наполниле 18 години биле премногу мали да се сеќаваат на медиумско соочување на кандидати за премиери, а останатите политички соочувања меѓу власта и опозицијата се толку малку, што можат да се избројат на една рака. Поминаа 18 години од легендарниот дуел во 1998-та помеѓу Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски како тогашни кандидати за премиер, после тоа немало соочување на оние кои претендирале за прв човек на владата. Имало соочување на кандидатите за претседател на државата, но само на јавниот сервис. Со години претставниците на власта одбиваат да се сретнат со своите политички опоненти и да ги соочат своите видувања на вистината, па дебатите се сведоа на соочување на ставовите на аналитичарите. Во последно време има неколку примери на соочување на преставници на владејчката ВМРО-ДПМНЕ и на опозициската СДСМ. Досега Груевски не одеше на дебати и се чувствуваше комотно, оти не му беше сериозно начнат рејтингот, но работите се менуваат. Аналитичарот Џељал Назири вели дека може да се очекува дебата меѓу Груевски и Заев.
„Може да се очекува дебата, дуел меѓу Груевски и Заев, но само во медиуми, каде што веројатно Груевски би избрал новинар кој ќе ги води тие дебати. Но пред сè се гледа една промена во стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, тие порано одбиваа секаков вид на дебата со нивните политички опоненти. Таа промена на стратегија, најверојатно е производ на новите околности во кои ВМРО-ДПМНЕ почнува да го губи рејтингот и ќе биде потребно повеќе соочување со опозицијата, со цел овој рејтинг којшто е во опаѓање да се држи во некоја нормала“, вели Незири.
До изборите на 11 декември има уште два месеци во кои останува да видиме дали кандидатите за премиер ќе ги соочат своите ставови пред вклучените камери.