Неделен печат – Неизвесни изборите на 11 декември

Одржувањето на изборите на 11 декември станува се понеизвесно, анализираат неделниците. Единствено не се согласуваат во тоа по чија вина ќе бидат одложени.

Прашањето за милион долари е дали на 11 декември ќе има или ќе нема вонредни парламентарни избори? И дневниот печат, а и најновите изданија на неделниците се полни со текстови во стилот, закажани се, ама не се знае дали ќе бидат одложени за подоцна...

Фокус - ВМРО-ДПМНЕ бара начин да ги одложи изборите, а СДСМ подготвува голема коалиција

Фокус објавува анализа под наслов: „ВМРО-ДПМНЕ бара начин да ги одложи изборите, а СДСМ подготвува голема коалиција“, во која, покрај другото се наведува дека владејачката партија сака да ги спои парламентарните со локалните избори следната година напролет, кога ќе може да смета и на централниот и на општинските буџети и за да може да дојдат до израз локалните теми и да профитира со бројните инфраструктурни и комунални проекти. Притоа, продолжува Фокус, за тоа треба да се обвини опозицијата, која, без оглед каква ќе биде разврската, веќе почна да се организира како изборите да ќе се одржат утре.

Република - Место програма, подготвува нова криза – СДСМ нема намера да признае пораз

Со поинаков наслов, но со познатата поента дека СДСМ ќе биде виновен ако вонредните парламентарни избори се одложат по трет пат, излезе најновото издание на Република: „Место програма, подготвува нова криза – СДСМ нема намера да признае пораз“. Па во уводникот тврди дека изборниот пораз на СДСМ било веќе апсолвирано прашање за кое опозицијата нема решение, а дилемата била дали Заев ќе се помирел со поразот или, цитирам, „ќе стори сè сите да ги повлече со себе во амбис“. Па наведува дека „СДСМ и Заев, заедно со неговите сојузници од партијата, од СЈО, од опозициските медиуми и од мрежата на Сорос подготвува продолжение на кризата и на агонијата преку изборите на 11 декември“. Како доказ за ова свое тврдење, Република го наведува отворањето на познатите прашања за кои се залага СДСМ, што било знак дека опозицијата е подготвена да предизвика посериозни инциденти за што притоа вината ќе ја префрлел на ВМРО-ДПМНЕ. Па завршува дека сето тоа би финиширало со медиумски напад преку соросовите платеници кои ќе обвинуваат за „нарушен изборен амбиент“ и ќе барале од меѓународните фактори да се поништат изборите, односно волјата на граѓаните, појаснува Република.

Глобус - Беневолентноста на Груевски не издржа ниту две недели

„Беневолентноста на Груевски не издржа ниту две недели“ - пишува Глобус во својата главна тема. И вели дека како што се ближат изборите власта е сè помалку подготвена да глуми фер играч во избори кои треба да задржат барем минимум демократичност. И потсетува дека нема ни трага од беневолентноста на Груевски од средбата на 30 август со другите партии и со амбасадорот на САД, кога замина на прослава на својот роденден во стилот: прифаќам сè што ќе договорите. Потоа Глобус наведува факти: пораката на претседателката на Уставен дека сè до распуштањето на Парламентот (11 октомври) нема намера да го активира предметот за законитоста на СЈО, што значи дека целата приказна за фер и рамноправни избори сега е во нејзиниот скут, разните форми на атакување на СЈО што својата симболика ја доживеаја со украдените снимени материјали од интервјуто на Јанева за МТВ, моделот на кој беше водена расправата по повод извештајот на СЈО во парламентарната комисија со вербално шиканирање, поплукување и лични навреди на специјалната обвинителка, односот кон министрите од опозицијата во привремената, техничка влада... На крај, Глобус потсетува на колумната на поранешниот амбасадор Спасов дека пржинските придобивки се третираат како „привремено окупирани територии“ и дека сме пред многу валкан предизборен период, зашто „овие избори за Груевски се војна против СЈО, против опозицијата и против сите демократски сили во земјата, и дека таа војна тој ја има започнато“.