Кругот се затвора. Изборите се ближат. И едните и другите ќе ја тераат до крај. 11 декември е датумот. За крај или за почеток. За судски процес или за победа на избори, сеедно. За едните е битно да се (из)влече работата без процес до изборите, а за другите барем дел од обвинетите да се појават на суд. За граѓаните, пак, е најбитно да ја дознаат вистината и за шесте случаи кои почнуваат со Т, но и за случајот Пуч во кој се обвинети Зоран Заев, Зоран Верушевски и други.
Мислите дека на 21 ноември ќе ги видите обвинетите, меѓу кои и лицето со иницијали Н.Г. на суд за нарачката на шамарите за градоначалникот на Центар Андреј Жерновски? Јас не верувам. Сè си мислам дека ќе се најде причина за одложување. И тоа за по 11 декември, по изборите.
Како и да е, во шесте предмети на СЈО: „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“ „Транспортер“ и „Трезор“, клучните, сега веќе поранешни, државни функционери, но сè уште главни во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обвинети или осомничени за криминал. Груевски, Мијалков, Јанакиески, Јанкулоска, Грујовски, како и некои поситни риби немаат голем избор. Нема ни СЈО, нема ни Заев со Пуч, а немаат ни граѓаните на Македонија. Вистината мора да биде „шило“, ама за сите подеднакво да боде.
Секоја држава си има мафија
Со последниот случај Трезор се дојде до онаа точка на вриење од која нема напред и назад без „жртви“ во политичка смисла на зборот. Имено, какво било „попуштање“ од страна на „осомничените“ држители на власта во Македонија во однос кон СЈО, би значело нивно законско процесуирање и евентуално губење на изборите, сметаат аналитичари. Не затоа што обвинети и осомничени не смеат да се најдат на изборни листи, туку затоа што нивната, дури и судски недокажана вина, со самиот чин на евентуален притвор, одземање пасош или замрзнат имот, би ја разбил нивната моќ и влијание врз партијата, медиумите и гласачите. Само победа на избори или неодржување на изборите се нивна алтернатива за да се избегне соочување со правдата. Тие тоа нема да го дозволат доколку некој не ги натера.
И сега што?
Засега нема „јунак – судија“ што ќе прати некоја од „големите ѕверки“ во притвор или ќе им одземе пасош како што бара СЈО. Власта, исто така, засега нема намера да ѝ ги одобри барањата на специјалната обвинителка Катица Јанева за законите за заштита на сведоците и приватноста, за продолжување на рокот за покренување на обвинение од СЈО кој сега е 18 месеци и почитување на препораките од Венецијанската комисија за ревизија на законот за приватност и свиркачите.
СЈО, пак, нема друга опција освен засилено да вади нови случаи, да биде што повеќе во центарот на вниманието на јавноста. И тука доаѓаме на тенкиот мраз, кој може да пукне под притисокот на максимата - да се биде или не.
Нејсе, на обичниот Македонец не му треба СЈО да му докажува дека сè е труло од корупција, ама му треба СЈО за осомничените да бидат процесуирани и евентуалните виновници казнети. Работата е дали просечниот граѓанин ќе биде убеден дека нема иднина со нерасчистен криминал.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.