Национализaм - залак за сиромашните, приход за политичарите

Политичарите на Балканот пласираат сепаратистички идеи како замена за подобар животен стандард. Наместо повеќе вработување и подобра економија, тие зборуваат за федерализација. Меѓусоседските односи се дел од алатките за градење на моќен национален идентитет на празен стомак, а меѓуетничките односи служат за ширење страв и држење на народот под контрола, велат аналитичарите.

Балканот произведува повеќе историја отколку што може да свари, гласи во слободен превод познатиот цитат од Винстон Черчил. Затуреното помнење на војните на балканските простори е секогаш добра иницијална каписла за балканското буре барут. Балканот во изминативе дваесетина години во неколку наврати покажа дека има капацитет за ретроградна политика, наместо интегративна. Балканските лидери честопати се фаќаат на народното оро три напред два назад, па кога работите ќе тргнат делумно кон подобро, го враќаат народот малку назад, за да го потсетат дека за тоа се заслужни исклучиво патриотите кои политиките ги градат само за својата нација. Последните написи за случувањата на Балканот се сведоци за националистичката политика која ја нудат лидерите особено во изминатава година во замена за подобар животен стандард.

Љупчо Наќев

Медиумите на Балканот, особено таблоидните и блиски до властите, во последно време се преполни со бомбастични наслови и текстови за закани, тајни планови, можни нови војни. Најнапред по повод вербалната војна меѓу Белград и Загреб, кога се пронаоѓаа шпиони, се спомнуваа усташи и четници, а деновиве и во врска со ситуацијата по повод референдумот во Република Српска.

Зборувањето за воени опасности, непријатели, закани од соседството е со цел да се шири страв и да се зацврстуваат позициите на така-наречените патриотски сили, всушност десничарски и националистички, преку кои се обезбедува останувањето на власт, оценуваат аналитичарите.

Но, тензиите секојдневно се зголемуваат, а некои политичари постојано долеваат масло на огнот.

Референдумот во Република Српска ги разгоре страстите не само во Босна и Херцеговина, туку и во Србија и во Хрватска. Па така, една изјава на поранешниот командант на армијата на БиХ, Сефер Халиловиќ, кој сега е пензионер, дека нема да дозволат отцепување на пола држава и дека со Милорад Додик ќе завршат за кратко време, наиде на остри реакции во Белград. Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ оцени дека овие закани треба да се третираат сериозно и оти постои намера, со војна, да биде уништена Република Српска.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Босанските Срби се изјаснија за Денот на РС

Од друга страна, српскиот премиер Александар Вучиќ смета дека најважно било што референдумот поминал мирно и оти треба да се смират тензиите во регионот. Ни збор дека референдумот во Република Српска беше нелегитимен и дека беше осуден и од Соединетите Држави и од Европската унија, па и од соседна Хрватска. Новинарката Гордана Суша смета дека не е сè така наивно.

„Јас не сум сигурна што се крие зад тоа. Јас спаѓам во онаа генерација која тешко ја доживеа минатата војна. Кога ќе се сетам на референдумите кои завршија со дум дум референдум, и се претворија во војна, а општата ситуација во регионот е многу напната, јас не сум сигурна дека сето ова глатко ќе заврши“, вели таа.

Членот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ изјави дека ќе се брани уставното уредување на земјата.

„Го гледавме ова во изминатите децении од некои српски лидери и видовме како тоа завршува. Ова не е прв ирационален инает. Тие луѓе го влечат конопот додека не пукне“, рече тој.

Но, кому му одговара ново разгорување на страстите на Балканот. Социологот Весна Пешиќ смета дека Русија сака да ги зацврсти своите позиции на Балканот.

„Не може во Хрватска и во Словенија, но може во нестабилни држави какви што се Македонија или Србија, па и во Република Српска. Значи да ја поткопува Европската унија и да покаже дека некаде има влијание, па на тој начин преговара со Западот“, вели Пешиќ.

Обичните луѓе не сакаат веќе конфликти и војни и не веруваат дека до такво нешто ќе дојде повторно на Балканот.

„Мислиме дека е смешно да помислуваме дека сега некој ќе јуриша врз некого од оваа страна или од другата страна“, вели таа.

„Мислам дека денес тоа не го сака никој. Никој нема да сака да земе пушка“, велат анкетирани граѓани.

Но, на Балканот, корупцијата, криминалот, лошите економски резултати, сиромаштијата, властите најлесно ја покриваат со разгорување на националистичките и меѓуетничките страсти, со барање странски непријатели, едноставно со континуирано држење на народот во страв од воен конфликт.

Лесно се игра на меѓуетничка карта

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заострување на реториката на Балканот

Балканските лидери се свесни дека на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, постои етничкото незадоволство од границите, па честопати играат и на таа политичка карта, затоа што најлесно е да се злоупотребат тие емоции вели професор Мирјана Малеска.

„Има реална основа да се мисли дека на Балканот не е завршена целата приказна околу границите, особено што се уште има држави во кои има граѓани кои имаат двојна лојалноста и други кои сметаат дека тие граници треба да се сменат. Прашањето дали политичарите тоа го злоупотребуваат, бидејќи реално постои едно такво стравување, едно такво чувство, една таква потреба. Кај луѓето најлесно е да се обратите, да ги поткренете, да ги подгреете, да ги употребите или во крајна линија да ги злоупотребите тие емоции“, вели Малеска.

Македонија не е исклучок од балканските трендови, вели Александар Цветкоски од невладината АГТИС.

„Може да се прелее во некоја наша варијанта која секогаш е групирана околу чувството на загрозеност на Албанците или чувството за загрозеност на Македонците. Не е ништо ново, веќе сме го виделе, веќе сме го виделе сето ова“, вели Цветкоски.

Странски служби и платеници, загрозен национален идентитет, федерализација, закани од соседството, протести „за“ и „против“ верски симболи и спомен обележја, јавни закани и повици за линч за „предавниците“ што сакаат да ја „разнебитат“ Македонија. И ако ова се зачини со политичка криза на која не и се гледа крајот, се добива совршен рецепт за нестабилна држава во која национализмот е главното јадење за сиромашниот народ, а добар приход за политичарите. Македонија не е исклучок од балканските трендови на ширење на сепаратистички идеи и создавање националистички и меѓуетнички тензии, вели Џабир Дерала од невладината Цивил, кој долго работи на помирување и интегрирање на земјава по конфликтот во 2001 година. Тој објаснува дека со спонзорирањето на национализам се врти вниманието на јавноста настрана од суштинските проблеми.

„Речиси сите предизборни циклуси во изминатите десетина, ако не и повеќе години, имаа етнички предзнак, без оглед на тоа дали главната тема што ја наметнува одредена политичка партија е економија или некоја друга тема, сепак, на површина избиваат етничките прашања, етничките теми и секогаш имаме етнички тензии“, вели Дерала.

Национализмот најчесто се претвора во политички капитал за време на избори, а дополнително политичарите го користат за да прикријат криминал и корупција. Професор Малеска смета дека со тоа што живееме во мултиетничка заедница, Македонија е лесна мета за националистите.

„На слободни избори ако дојде една националистичка партија која што во својата програма како партија има грижа само за својата етничка заедница, тогаш настанува голем проблем, бидејќи другите се чувствуваат деградирани, запоставени, дискриминирани или во недоволна мера вклучени во политиката и во, крајна линија, во распределба на општествените ресурси, создава една ситуација кадешто се можни меѓуетнички конфликти“, вели Малеска.

Потенцијал за загрозување на меѓуетничките односи на сметка на ширење национализам, во земјава секогаш има, вели Дерала. Дополнителен проблем во земјава е верскиот фундаментализам кој наиде на плодно тло во Македонија, особено поради отсуство на програми за превенција во државата, вели тој.

Цветкоски вели дека позитивна страна е што граѓаните во изминативе две децении во земјава научија колку лесно се манипула со таквата енергија и дека веќе не се толку чувствителни на таа тема.

„Во Македонија има свест, премногу вода протече во изминатите 25 години и видовме колку многу се манипулира и дека граѓаните нема да наседнат на сите овие работи. А оние контролирани работи, кои обично се прават од партиски ликови не се опасни, тие се контролирана работа. Мислам дека граѓаните нема да наседнат“, вели Цветкоски.

Позитивното е што во целата слика, која политичарите ја разнишуваат од време навреме меѓуетничките односи бележат нагорен тренд, особено во делот кога граѓаните се заинтересирани за подобрување на демократската состојба во земјата наспроти обидите на политичарите да влијаат на нивно влошување, објаснува Дерала.

Со подигање на свеста, со независно судство кое нема да им прогледа низ прсти на политичарите кои во име на национализам добиле власт, а си ги наполниле своите џебови на сметка на граѓаните, може да се надмине проблематичната и емотивна подводливост на граѓаните, вели Малеска.

Стравот од другиот, од етничкото малцинство или мнозинство со ова и едните и другите лидери сеат страв меѓу своите сограѓани и гласачи дека другите се лоши и вршат репресија, а токму тука е коренот на сепаратистичките идеи и тенденции вели Дерала.

Општеството во кое владее ниска политичка култура, царува корупција и злоупотреба на функција, е примамливо за политички фигури кои го хранат народот со национализам. Затоа што политичките лидери кои раководат со буџетот не инвестираат во решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, не се справуваат со суштинските прашања, туку прават привидни проекти и си ги полнат своите џебови, децидни се аналитичарите. Целта е да се шири страв во јавноста со тенденција да се одржат на власт политичарите кои не успеале да го подобрат животниот стандард на граѓаните.