Достапни линкови

Со патриотска реторика против „бомбашките“ напади


Владејачката партија, со реториката и иконографијата што ги користи, сака да го монополизира патриотизмот, односно да покаже дека никој не ја сака Македонија повеќе од нив.

Со химната на Македонија, па потоа со песните исполнети со стихови како „Ништо не те плаши Македонија на овој бели свет“, „Ние деца сме на мајката земја, на Македонија“, „Црна се чума зададе“, „Народе Македонски, доста беше разбуди се, свести се не спиј ти“ и „Едно име имаме во душата го носиме и за тебе живот даваме“ започна вчерашната трибина на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во салата Борис Трајковски. Трибината беше насловена „Нашите дела – наша борба за Македонија“.

Денес јас ќе им кажам што значи зборот борба и што значи да се бориш за Македонија, денеска сите ние тука ќе им објасниме како се сака сопствената држава и што се прави за неа.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

На патриотските песни за македонскиот непокор се придружија и говорите на гостите на трибината, а такви елементи може да се забележат и во обраќањето на премиерот Никола Груевски.

„Денес јас ќе им кажам што значи зборот борба и што значи да се бориш за Македонија, денеска сите ние тука ќе им објасниме како се сака сопствената држава и што се прави за неа“, рече Груевски.

Тој што идеолошки е против нив, е против Македонија и дека тој е предавник и дека секој што е не ја поддржува нивната кампања, нивната политика и не е на нивниот политички компас, тој мора да биде означен и да се делува против него како државен непријател.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека со својата реторика и кореографија на трибината, односно митинг, ВМРО-ДПМНЕ пренело две пораки. Едната е дека никој не ја сака повеќе земјата од нив и нивните приврзаници.

„Тој што идеолошки е против нив, е против Македонија и дека тој е предавник и дека секој што е не ја поддржува нивната кампања, нивната политика и не е на нивниот политички компас, тој мора да биде означен и да се делува против него како државен непријател и како предавник. Втората порака што ја праќа партијата, заедно со Груевски е дека Македонците што тие ги сметаат за Македонци, а ги сметаат само тие што се нивни приврзаници и членови се вистинските патриоти кој ја сакаат Македонија и дека само тие имаат право да ја бранат и да ја водат и само тие имаат право да одлучуваат за нејзината судбина и за сите останати граѓани во државата, а сите други се предавници и недостојни граѓани“, вели таа.

Груевски цело време станува икона на еден црн национализам, на една античка македонштина која тој ја практикува и во своето владеење и заправо таа карта нему му носи добивка.
Алајдин Демири, политички аналитичар.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека трибината на ВМРО-ДПМНЕ е одговор на онаа на опозицијата во која преовладувал заканувачки тон придружуван со националистичка реторика.

„Апсолутно не е во ред таква појава, меѓутоа Груевски цело време станува икона на еден црн национализам, на една античка македонштина која тој ја практикува и во своето владеење и заправо таа карта нему му носи добивка. Новина овој пат е тоа што се обидува да ги вовлече и Албанците во оваа стратегија како негови верни партнери кои би му овозможиле да ја спроведе оваа стратегија“, вели Демири.

Според Стојадиновиќ, митингот личел на вовед во едно предвоено сценарио.

„Затоа што нивната вжештена и шовинистичка реторика ги запали нивните приврзаници и нивните членови со тоа што на еден начин ги спрема за војна против сè што не е ДПМНЕ, а тоа е многу лошо, значи тоа е еден вид на подготовка за една граѓанска војна, затоа што таквата реторика ние ја гледавме во почетокот на 90-тите години на минатиот век пред да почне граѓанската војна во Југославија од устите на Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, тие имаа милошевиќевизација и туѓмананизација, ние имаме груевизација која води во шовинизам и фашизам“, вели таа.

Груевски, освен за актуелната политичка криза, аферата со прислушувањето, дали ќе има преодна влада и предвремени избори се осврна и на тоа што досега го сработиле и ги презентираше нивните идни планови.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG