Светска банка - Внимателно со позајмените пари

Презентација на редовниот полугодишен економски извештај за Југоисточна Европа на Светска банка.

Главните ризици за Македонија остануваат нерешавањето на политичките превирања, високото ниво на фискален дефицит, слабости во менаџментот со јавните финансии и ефикасноста на трошењето, зголемениот јавен долг и стагнацијата во структурните реформи.

Намален економски раст, зголемен јавен долг, намалување на невработеноста, зголемени фискални притисоци поради немање фискална консолидација. Овие се дел од главните забелешки за Македонија, презентирани во редовниот економски извештај на Светската банка за Југоисточна Европа.

Директорот на Светска банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели посочува дека годинава економскиот раст во земјава се намалил на 2 проценти и тоа главно како последица на намалените инвестиции кои биле силно погодени од политичката криза. Тој нагласи дека фискалниот дефицит расте, а тоа има импликации врз вкупниот јавен долг на државата. Мантованели предупредува дека потребно е да се внимава како се трошат парите од задолжувањето.

„Нема ништо лошо во задолжувањето за да се одржува јавниот долг, и да се покрие фискалниот дефицит. Но кога се задолжувате, потребно е да ги инвестирате тие средства колку што е можно попродуктивно“, изјави Мантованели.

Од Светската банка посочуваат дека изгледите за економскиот развој се позитивни и се надеваат дека по изборите, политичката криза ќе се надмине и ќе се воспостави политичка стабилност, по што ќе почне циклусот на привлекување нови странски инвестиции.

„Инвестициите имаат значаен придонес како контрибутор кон растот во Македонија, но лани и оваа година имаме негативен придонес на инвестициите кон растот и покрај тоа што имаме значително зголемување на јавните инвестиции, тоа не е доволно да го компензира падот на приватните инвестиции што се толкува како последица на пролонгираната политичка криза и намалената сигурност во економските текови“, објаснува Бојан Шимов, економски аналитичар во Светска банка.

Во извештајот, меѓу другото, се забележува дека фискалната потрошувачка останала главниот двигател на растот, поткрепена од подобрувањето на пазарот на труд и повисоките плати и трансфери од јавниот сектор. Во последната година растот главно е движен од градежниот сектор и трговијата. Во поглед на пазарот на труд, забележан е тренд на зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста.

„Во 2016 гледаме намалување на стапката на активно население, што претставува индикатор дека дел од населението кое е подолго време невработено, е заморено од барање работа и го напушта пазарот на трудот, или пак може е тренд на иселување од земјата. Вториот ефект е тоа што од сите новокреирани работни места може да се види дека истите се со фискален стимул, каде работодавачот е ослободен од плаќање на социјални придонеси и слични давачки“, изјави Шимов.

Токму тоа пак, создава притисоци врз пензискиот систем, што значи дека околу 45 проценти од приходите на пензискиот систем се остваруваат преку трансфери од државниот буџет.

Во извештајот се посочува дека во Македонија постои експанзија на фискалниот дефицит, минимално зголемување на буџетските приходи и зголемување на буџетските расходи. Најавената фискална консолидација веќе пет години по ред не се остварува.

Главните ризици за Македонија остануваат нерешавањето на политичките превирања, високото ниво на фискален дефицит, слабости во менаџментот со јавните финансии и ефикасноста на трошењето, зголемениот јавен долг и стагнацијата во структурните реформи.