Медиумскиот прогон, политичките вербални напади, како и институционалните сопки во изминативе денови се показатели дека расте стравот на власта од можните обвинителните акти, кои Специјалното јавно обвинителство ќе ги поведе во наредниве шест месеци, а произлегуваат од прислушуваните разговори, велат аналитичарите.
Високи функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, министри, нивни поранешни колеги, градоначалници и советници се најдоа осомничени за кривични дела поврзани со злоупотреба на власт и државни пари.
Професор Осман Кадриу неодамна изјави дека целата постапка на расветлување на криминалот ќе оди тешко поради политичкото влијание врз правосудниот систем, постојаните обиди за опструкции и оспорување на легитимитетот на ова Обвинителство, а токму тоа укажува на страв кај власта.
„А во нашата држава за жал, корупцијата царува и организираниот криминал царува, а да не речам доаѓа од самите органи во власта“, вели тој.
Незаконско прислушување на 20 илјади граѓани, изборни манипулации, нелегално инјектирање пари во медиуми, злоупотреби на државни пари во незаконски доделени тендери, затајување на данок, перење пари, мито и корупција. Ова се само дел од наводните гревовите на власта за кои ова Обвинителство има отворено постапка. До сега СЈО покрена два обвиненија, првото се однесува на незаконско уништување на документација од системите на прислушување, а второто за нарачаното насилство врз градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.
За власта работата на Специјалното јавно обвинителство е пристрасна и честопати координирана со барањата и потребите на опозицијата, односно на СДСМ.
„Како е возможно да има постапка против Талевски, а да нема против Заев. Дали дозволивте јавноста да мисли дека сте пристрасни, бидејќи Струмица потрошила три пати повеќе средства од Битола“, ја праша Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на комисиската седница каде што се разгледува нејзиниот годишен извештај.
Од друга страна, пак, опозицијата алудира дека Јанева е единствениот обвинител во земјава, затоа што ги разгледува сомнежите за криминал на власта.
„Извештајот на господинот Марко Зврлевски не е извештај за гонење на криминал, туку за прикривање на криминал, особено за прикривање на криминалот на власта, и особено ви е јасно дека практично Марко Зврлевски е соучесник во криминалите на Владата на ВМРО ДПМНЕ со тоа што одбиваше да го гони криминалот“, посочи пратеничката на СДСМ Рената Дескоска.
Во изминатава година Специјалното јавно обвинителство има отворено 38 предистражни постапки од кои 16 произлегле од јавно објавените аудио снимки, а 22 произлегуваат од необјавени прислушувани разговори, односно разговори за кои не е запознаена јавноста. И сето ова произлегува од само 12 проценти преслушаниот материјал од опозициските бомби.
Јанева при обраќањето кон пратениците на собраниската расправа посочи дека ќе одговори на сите прашања кои се поврзани со извештајот.
„Не се плашам од тоа да ви дадам одговор на вашите прашања, најмногу поради тоа што ја имам поддршката од поранешниот премиер Никола Груевски“, додаде таа.
Јанева повторно го повика Собранието да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоците за да може да ги истражи случаите за да се дојде, до вистината кој прислушувал, во кој период и за какви цели и побара од Собранието да ги имплементира во законски одредби препораките од Венецијанската комисија зашто, најважна е јавноста и вистината кој и на кој начин прислушувал во Македонија, а не личните и партиските интереси.