Многу недоумици по синоќешната навидум „ненадејна забрана“ за јавно емитување на македонска музика од автори членови на до неодамна единственото Здружението за заштита на авторски и музички права (ЗАМП). Во нивниот допис до медиумите, инаку втор по предновогодишната замолчена иницијатива која претходно се провлекуваше подолго време и ескалира на саботното Собрание, стои дека тие се свесни оти се работи за „непопуларна мерка, дека така граѓаните ги лишуваат од задоволството да слушаат музика од домашни автори, дека забраната не е решение на проблемот“. Од ЗАМП наведуваат и дека основна причина за ваквата нивна реакција е повеќегодишниот притисок од Министерството за култура врз нивното работење и создавањето на можност да се формира паралелно здружение за истите права, како што е СОКОМ МАП.
„Иако во бројни ситуации сум бил „во војна“ со ЗАМП, во случајов одлуката на ЗАМП е апсолутно исправна и сметам дека македонската музика не треба да оди во медиумите сè додека авторите го доживуваат ова што им се случува. Сега тоа е тотална деградација, понижување и една ситуација во којашто практично нема да имаме наплата на авторските права, а сето тоа во интерес на одредени структури и можеби медиуми“, вели Петар Младеновски, член на групата СУПЕРХИКС.
На ваквата забрана многу остро реагира композиторот Никола Кокан Димушевски. Тој во својот допис до ЗАМП, до Министерството за култура и до сите радиодифузни претпријатија потенцира дека никој не смее да ја забрани неговата музика да се емитува во медиумите. Дури најави и тужба против Здружението за заштита на авторските и музичките права.
„Не може апсолутно никој да забрани емитување на моја музика во мое име. Најмалку едно здружение за заштита на авторски права, што значи дека со секоја забрана на моја музика, мене како автор ми се нанесува огромна штета“, вели тој.
Димушевски вели дека доколку не биде изземен од оваа забрана, со судска постапка ќе бара да му се надоместат тантиемите што му следуваат од емитувањето на неговата музика, некаде околу 15 илјади минути документирани тонски записи.
„Не можам и не смеам да дозволам некој да си игра со моите дела и со мојот живот, со животот на моите деца и наследници оти авторското право, всушност заштитата на авторското право трае 70 години по неговата смрт“, вели тој.
Димушевски е дециден дека овде всушност станува збор за „задржување на монополот на ЗАМП, како што вели, Здружението од кое не се задоволни ниту авторите, ниту корисниците, а кое, според него, е веќе раздрмано со појавата на СОКОМ МАП.
Кристијан Габровски, пак, истакнува дека безрезервно стои зад одлуката и дека сево ова е последица на разноразните обиди години наназад да се уништи функционирањето на ЗАМП. Дека на сите во земјава треба да им биде јасно оти авторското право е едно од најценетите и најзаштитените права во светот и дека и кај нас така треба да биде. Појаснува дека, за жал, најголемите корисници на авторските дела во земјава сметаат оти не треба ништо повеќе да плаќаат „освен една бедна цркавица“. Тој смета дека ова што сега се случува со давање на лиценца на уште едно здружение е капак на сè. Дека може да има две и повеќе здруженија, но дека само едно може да ги прибира парите.
„Не може една група од триесеттина некомерцијални автори, а кои учествуваат во распределбата на тантиемите не повеќе со два отсто да донесуваат одлуки во име на оние кои имаат преку 90 отсто од добивката. Тоа го нема нигде. Правилниците во ЗАМП се во согласност со светските норми имплементирани во нашата реалност. Јас искрено се надевам дека ова еднаш засекогаш ќе престане и дека ќе нè остават во мир да твориме, да создаваме музика, а не да се занимаваме со политика. Ова неколку години наназад е исклучиво само политика“, вели Габровски.
Инаку во МРТВ засега тераат по однапред подготвената програмска шема што значи дека забраната засега не се почитува, останатите концесионери се двоумат околу сопственото решение, а од Здружението на приватните медиуми на Македонија (ЗПММ) побараа најитно разврзување на јазолот. Во нивниот допис тие бараат да им се обезбедат услови за да можат да ги исполнат законските обврски коишто ги прифатиле и кои ги почитуваат за заштита, промоција и негување на македонската музика. Во спротивно, како асоцијација, велат дека ќе бидат принудени „комплетно да ја тргнат од своите програми македонската музика (значи предвидените 40 отсто од програмската понуда), сè до конечното средување на работите и односите во оваа исклучително важна област“.