Главната расправа за случајот Пуч денеска беше одложена поради отсуството на еден од поротниците, а следното рочиште е закажано за 1 ноември. Во судницата беа присутни сите обвинети, како и Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој е четвртообвинет во случајот рече дека тоа што се случувало денеска во Судот е голем срам и доказ како се инструментализира и се става под контрола судството заради забеганите политики во Македонија.
„Денеска не се одржа рочиште, затоа што главниот сведок, единствениот сведок Никола Груевски одлучи да не се појави или судот му беше кажано да не му достави покана. Но, за да биде дополнително покриен наводно бил спречен еден од двајцата поротници да биде присутен, иако законот определува и замена на поротници кога тоа е најавено и кога еден од поротниците не може да дојде“.
Тој порача и дека во Македонија право и правда мора да има. Јанева истакна дека реагирала на одлуката Судот да го одложи рочиштето поради отсуството на поротникот, но и за датумот за одржувањето на следното судење. Според неа, предметот е од итна природа и треба побрзо да биде закажан, а реагирала и на тоа што не бил повикан Груевски, кој е во својство не нејзин сведок. Образложението на Судот, како што информира Јанева, е дека Груевски немало потреба да присуствува на главната расправа.
„Јас мислам дека условите за судење не се обезбедени. Како прво мојот сведок не е повикан. Потоа се одлага предметот неоправдано до страна на Судот заради болест на поротник, што не е во согласност со законот за кривична постапка за време од месец ипол. Тоа за мене е предолг период за кој се одлага ваков случај со вакво сериозно обвинување“, вели Јанева.
И Заев и Јанева истакнаа и дека неоправдано е тоа што не им бил дозволен влез на новинарите во судницата. Јанева изрази надеж дека на идното рочиште на новинарите ќе им биде овозможено да ги слушнат нејзините заклучоци за случајот. Ова требаше да биде првото рочиште за Пуч по донесувањето и укинувањето на аболицијата од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов. Освен Заев, во случајот обвинети се и поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, како и Ѓорѓи Лазаревски, вработен во МВР и Бранко Палифов, вработен во Општина Струмица Тие се товарат за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Еден од обвинетите Звонко Костовски, се спогоди со Обвинителството и беше осуден на казна затвор во траење од 3 години.