Формирањето на трет политички блок забрзано се актуализира и форсира и голема е веројатноста помалите политички партии во македонскиот и во албанскиот политички кампус позитивно да одговорат на ова прашање за претстојните избори, коментираат експертите, откако деновиве излегоа најави за формирање на коалиции меѓу помалите политички партии.
Неофицијално се зборува за формирање на десничарски блок меѓу ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски, Достоинство на Стојанче Ангелов, Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, Коалицијата за промени и правда составена од ФРОДЕМ, ДЕМОС, МОРО – Работничка партија и Демократскиот сојуз. За можни коалиции подолго време се зборува и меѓу помалите партии во албанскиот политички блок.
Универзитетскиот професор Осман Кадриу вели дека ќе биде позитивно доколку помалите партии на изборите на 11 декември настапат здружени и, според него, тие имаат шанси за добар резултат, само ако партиите на власт не прават злоупотреби како во минатите изборни циклуси.
„Со други зборови, ако навистина се обезбеди да имаме законски и кредибилни избори, да нема фалсификување, да нема притисоци, да нема купување на гласови, да нема семејно гласање и т.н. тогаш сметам дека постојат реални шанси во Македонија и другите партии од македонскиот и од албанскиот блок, да го добијат потребното мнозинство за да може после да формираат и една идна влада со нов состав“, вели Кадриу.
Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ коментира дека најавените коалиции се нормална работа, со оглед на малата сила на терен на СДСМ и големата сила на ВМРО–ДПМНЕ, бидејќи институциите се во нивни раце.
„Коалициите меѓу овие партии мислам дека повеќе ќе му направат штета и ќе му одземат гласови на ВМРО–ДПМНЕ, бидејќи идеолошки се поблиску до него. Хипотетички кажано, доколку СДСМ настапи сам, а од друга страна да настапат овие помали партии во коалиција, повторно потоа ќе влезат во постизборна коалиција, но сепак е можно да влезат и во предизборна коалиција“, вели Стојадиновиќ.
Анализирајќи ја состојбата кај албанските партии, таа додава дека таму се уште нема посилни од ДУИ и ДПА и според неа со оглед на силите, ДПА повеќе ќе профитира ако коалицира со македонски партии, отколку да излезат сами на терен.