Родители на преку 100 средношколци од Тополчани, Ерековци, Канатларци, Алинци и други села во прилепско реагираат затоа што секој ден од почеток на учебната година треба да ги плаќаат трошоците за превоз до градот и назад. Иако државата треба да обезбеди бесплатен превоз, родителите секој ден треба да одвојат по 160 денари за да може нивните деца да следат настава.
„Првиот ден ги праќаме на училиште, чекаат превоз што треба да ги носи бесплатно на училиште, ама превозот не дојде. Му се јавија на газдата на фирмата што ги превезуваше лани, им кажа дека му немаат префрлено пари од Министерството и дека нема да ги вози, додека не му префрлат пари. Еден родител што одеше на работа в град, ги однесе, ама после за враќање си плаќаат друг превоз. Треба да платат по 80 денари во еден правец“, вели Вера Чапкуноска, мајка на ученик во средното училиште „Орде Чопела“ во Прилеп.
Сопственикот на превознатаа фирма „Дана –транс“, Слободан Велјаноски, којшто минатата година го добил тендерот за транспорт на средношколците од прилепските села до градот, потврдува дека училиштата му должат преку еден милион денари. Вели дека му ги платиле трошоците по договор само за октомври минатата година и дека постојано добивал ветувања дека долгот ќе му го исплатат кога Општината ќе им ги префрли парите.
„Нека речат дека средства пуштаат, нема проблем, продолжувам да возам, не правам проблем. Но, да почнам сега да возам, нема средства, зашто долгот од октомври наваму е некаде по 160 до 170 илјади денари секој месец“, забележува Велјаноски.
Вели размислува и дали воопшто да учествува на тендерот за оваа учебна година, бидејќи со такви долгови фирмата бележи загуби, а тој да ги прекине договорите за работа со возачите. Со цел да добиеме одговор, кога на прилепските средношколци ќе им биде обезбеден законски, бесплатен превоз, се обидовме да го контактираме советникот за образование во Општина Прилеп, Марјан Матракоски.
Тој не одговори ниту на телефонските повици, ниту на пораките. Од одделот за односи со јавност нè упатија до кабинетот на градоначалникот, Марјан Ристески, но и оттаму не најдоа време за одговор.
Во Министерството за образование, пак, велат дека редовно им префрлаат пари за превоз на ученици на општините.
Ристески и Матракоски и годинава ги посетија сите основни училишта, се фотографираа со првчињата и нивните родители, сечеа ленти на новоуреден училиштен двор, а одделот за односи со јавност, многу ажурно за оваа тема, материјалот го испрати до сите медиуми.