Ако во 2014 година секој четврти граѓанин бил соочен со барање да даде поткуп, оваа година со тоа се соочил речиси секој трети. Ова се наведува во најновиот извештај на МЦМС што е заснован на анкета со 1000 испитаници. Но, иако проекцијата покажува дека на повеќе од половина милион граѓани им бил побаран поткуп барем еднаш, сепак македонската јавност не ја перцепира корупцијата како еден од најголемите проблеми. По видувањето на граѓаните, корупцијата се наоѓа на петто место и за нив поважни прашања се невработеноста, политичката нестабилност, сиромаштијата и ниските приходи.
Во истражувањето има податоци дека значителен дел од граѓаните се толерантни кон корупцијата, а голем број професии се перцепирани како високо корумпирани. Ова води и кон намален оптимизам дека постои политичака волја и подготвеност на институциите за справување со корупцијата, изјави Борјан Ѓузелов од МЦМС, дополнувајќи дека 62,7 проценти од граѓаните сметаат дека службените лица се вмешани во корупција
„Постои генерално влошување на наодите во споредба со анкетата во 2014 година и тука може да се забележи една генерална недоверба во системот. Највисока перцепција за распространетост на корупцијата во професиите има за судиите, министрите, лидерите на политичките партии, пратениците во Собранието и цариниците“, вели тој.
Руслан Стефанов од Центарот за изучување на демократијата во Бугарија рече дека целиот регион е вклучен во корупција и оти една третина од населението имало проблем со корупција. Дури и во земјата која се наоѓа на најдолната граница на корупција, Хрватска, девет проценти од населението се соочиле со тој проблем.
„Хрватска е земјата која другите земји треба да ја следат. Македонија за жал е во групата на земји кои се три пати повеќе корумпирани од Хрватска и треба да се стремите кон постигнување на поставената цел, а тоа е самата Хрватска“, вели тој.
За 74,8 проценти од граѓаните, наглото збогатување на личен план на оние кои се на власт е водечки фактор за широко распространетата корупција, а за распространетоста на корупцијата влијаат и неефикасноста на судството и недостатокот на административна контрола. Загрижувачки е и тоа дека бројот на лица кои се осудени за давање или примање поткуп е многу мал и изнесува 16 лица оваа година. Интересно е дека и демографската анализа покажува дека постојат значајни разлики за тоа како притисокот и вклученоста во корупција се дистрибуира кај етничките заедници, вели Емона Нурадиновиќ од МЦМС, посочувајќи дека Албанците се потолерантни за корупција отколку Македонците.
„Албанците во Македонија искусиле многу повеќе корупција споредбено со националниот просек. На над 80 проценти од Албанците им било побарано поткуп и бидејќи не постои отпор, околу 80 проценти од нив дале. Кај Македонците е речиси половина, кај 40 проценти е побаран поткуп, а 35 проценти дале поткуп“, вели таа.
Исто така се забележуваат и разлики помеѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМЕ и СДСМ. Особено е видлива разликата во перцепцијата за корупцијата на Владата - само 11,2 проценти од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ веруваат дека корупцијата во Владата е распространета до највисоко ниво, а таков став имаат скоро половина од симпатизерите на СДСМ.
Според анкетата, граѓаните во Македонија многу ретко ги пријавуваат случаите кога од нив е побарано нешто со цел да решат некој свој проблем. Од друга страна, податоците покажуваат дека граѓаните имаат високо ниво на свесност, односно високи 61 проценти се свесни за коруптивно однесување. Сепак, за забележување е дека дури третина од нив сметаат дека не е корупција ако се даде подарок на лекар.