Одложувањето нема да донесе подобри услови за избори

Создадени се минимум услови за опозицијата да може да учествува на избори, но вистинските реформи за демократизација, посочени во извештајот на Прибе, ќе треба да ги спроведува новата влада.

Избори до крајот на годинава треба да има зашто и да се одложат, нема да се создадат подобри услови отколку сега, велат претставници на помалите парламентарни партии. Претседателите на најголемите четири политички партии во земјава утре треба да се сретнат и да одлучат дали се исполнети условите за да има избори во декември годинава. Судејќи според нивните изјави, изборите се сè поизвесни.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ постојано повторува дека услови за фер и демократски избори имало и во април, како што беше првично планирано, а потоа и за во јуни. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, исто така изрази надеж дека утре ќе биде постигнат договор за избори, иако сè уште не е избран петтиот член на ад хок телото за медиуми, што беше еден од условите.

Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, вели дека дури и лидерската четворка да одлучи дека се создадени услови за избори, сепак ќе останат одвојувањето на партијата од државата и политичкото влијание врз медиумите, кои се два неопходни услови за навистина да има услови за фер и демократски избори. Овие две работи не се исполнети, така што може да зборуваме само за исполнување минимум услови за опозицијата да може да учествува, а реформите ќе ги спроведе новата влада во една помирна политичка клима, вели тој.

„Очигледно, и да се одложат изборите, како што се сè погласни најавите за март или мај, тоа одлагање нема да придонесе за овие две работи, односно одделување на партијата од државата и регулирање на медиумите, така што не ја гледам потребата од одлагање на изборите ако дотогаш не ги средиме овие две работи. Се чувствува кај граѓаните една нервоза и една потреба од промени. Се плашам дека одлагањето на изборите ќе ја разводни целата ситуација и процесот и ќе им даде простор за поголеми манипулации на овие коишто ја практикуваат власта“, вели Милевски.

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вели дека во моментов се создадени услови за формирање преодна влада, која треба да ги забрза процесите и да ги спроведе изборите.

„Избирачкиот список не ќе може докрај да се прочисти, влијанието на уредникот во МТВ ќе биде лимитирано, бидејќи голем број функции се во надлежност на директорот на МТВ, а ад хок телото, коешто сè уште не е комплетирано, под претпоставка да се комплетира, не ќе може да врши мониторинг на работата на медиумите без да има логистика во агенцијата за радиодифузна дејност. Во основа, мислам дека состојбите со списокот се познати, таму има некои подобрување, а другите две работи нема да влијаат битно на кредибилноста на изборите, иако е добро да бидат исполнети“, вели Трајанов.

Владејачката ДУИ исто така смета дека се исполнети условите за избори и оти е време да се стави крај на кризата.