ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори и нема пречки тие да бидат одржани на 11 декември, коментираат од владејачката партија по вчерашната изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Од партијата велат и дека неколку пати досега повториле оти има услови за одржување на избори и на 24 април, кога првично и беа закажани изборите, а потоа и на 5 јуни. Според ВМРО-ДПМНЕ, дали на лидерската средба в среда ќе се донесе одлука зависи од тоа дали СДСМ ќе решi да престанe да бега од соочување со народот. И од ДУИ во неколку наврати соопштуваа дека има услови за спроведување на изборите.
Заев изјави дека очекува на средбата да биде постигнат договор за одржување на предвремени парламентарни избори на 11 декември. Според него, изборите не се доведи во прашање и покрај тоа што еден од условите за нивното спроведување, формирањето на ад хок телото за медиуми, сè уште не е исполнет, бидејќи не е избран петтиот член. Ад хок телото, како што истакна Заев, може да направи убав и квалитетен исчекор во наредниот период на 100 дена пред изборите и да испрати порака дека може да биде избалансирано претставувањето на политичките партии и професионалните стандарди да бидат зајакнати.
„Мој личен став е дека ова ад хок тело не може да биде причина за да не се одржат изборите. Се надевам дека и овој услов, како што е прочистувањето на Избирачкиот список, ќе биде исполнет и на 31 август ќе ги кажеме нашите ставови како една од четирите страни којшто треба да објават датум за одржување на избори“, изјави Заев.
Тој апелираше и до членовите на ад хок телото да го изберат преостанатиот петти член. Сè уште не се знае и кој ќе биде номиниран за уредник на МРТВ. Според договорот, тој треба да биде избран од опозицијата и да стапи на функција 100 дена пред изборите. Сто дена пред изборите, Парламентот треба да ја изгласа и новата техничка Влада. Денеска истекува и рокот за дополнителна проверка на спорните гласачи кои имаа можност до 19 август сами да се пријават во ДИК. Минатата недела ДИК го усвои и Извештајот за пријавените гласачи со спорни записи. Согласно извештајот, пријава до ДИК не поднеле вкупно 30.467 лица. Прочистувањето на избирачкиот список заедно со регулацијата на медиумите беше еден од условите на СДСМ за спроведување на изборите.