Првичната проценка на Црвениот крст, чии тимови во изминатите три дена доставуваат хуманитарна помош во подрачјата зафатени од поплавите во скопскиот регион, покажува дека 15 илјади луѓе имаат добиено помош, изјави Сузана Тунева Пауновска.
„Во моментов се покриени три илјади куќи. Во наредните денови проценките ќе бидат многу поконкретни и поточни зашто од ден на ден состојбата е многу појасна и се гледаат потребите на луѓето“, вели таа.
Помошта се носи во магацинот во Момин Поток и во основното училиште Наум Наумовски Борче, а од вчера од овие два пункта потоа мобилни тимови ја дистрибуираат со камиони од улица во улица. Претходно имаше многу забелешки дека едни исти луѓе земаат помош, а други беа запоставени. Во целата операција проблем остануваат одредени улица каде не може да се влезе и на тие локации тимовите се обидуваат да влезат со џипови.
Во делови од Стајковци, Смиљковци, Илинден и на патот кон Арачиново сè уште нема електрична енергија и луѓето чекаат екипите на ЕВН да го расчистат теренот до трафо-станиците. Атанас Ковачевски од ЕВН изјави дека во скопскиот регион вчера првите корисници добиле напојување во Сингелиќ и во Маџари, а денеска веќе се приклучуваат дел од корисниците во Стајковци, Сингелиќ и Илинден. Околу 10 илјади корисници имаат нормално напојување со електрична енергија, вели Ковачевски.
„Во моментов се работи на расчистување на теренот до трафо-станиците и до бетонските столбови во критичниот регион на Стајковци, Смиљкоци, во Илинден, во Ченто и патот за Арачиново. Како што ќе се создаваат безбедни услови за приклучување, така ќе бидат вклучувани под напон трафо-станица по трафо-станица. Екипите ќе проверуваат корисник по корисник дали нивната внатрешна инсталација е во можност или е безбедна за да биде под напон“, вели тој.
Од ЈП „Водовод и канализација информираат дека на целата територија во кризните подрачја има санитарно исправна вода за пиење. Портпаролот Благоја Филиповски изјави дека се извршени мерења и се земени примероци од целата територија, со акцент на кризните подрачја.
„Резултатите од сите теренски мерења од аспект на механичко загадување, односно маснотија и концентрација на резидуалниот хлор во системот беа во рамките на максимално дозволените концентрации. Додека лабораториските испитувања покажаа физичко-хемиска и микробиолошка исправност на водата за пиење“, вели тој.
И Обиколницата, која беше поплавена и оштетена во невремето во саботата, од синоќа е пуштена за сообраќај во двата правци. Автобусите на ЈСП Скопје од денеска во поплавените населени места ќе сообраќаат по изменети патни правци, при што прекинуваат да важат редукциите на линиите кои беа направени заради оштетениот коловоз и непроодност. Од ЈСП исто така информираат дека линијата 65а до село Страчинци нема да сообраќа, бидејќи патот е сè уште е непрооден.
Од денеска треба да почнат со работа и комисиите за проценка на штетата кои ќе ги посетат погодените куќи. Во меѓувреме луѓето и натаму не ги фрлаат уништените работи од поплавата сè додека не ги види комисијата за да ги обештетат. Граѓаните по невремето од викендов од скопско и особено подрачјата опфатени со поплавите пријавуваат штети и до осигурителните компании, иако информациите оттаму се дека мал број од имотите се осигурани.
Луѓето чии домови се зафатени од поплавите упатуваат најмногу критики поради немање координација во дистрибуирањето на помошта, како и поради недостаток на работна сила и механизација.