Дваесет и двајца мртви, а еден исчезнат е последниот биланс од катастрофалните поплави во скопскиот регион. Се стравува дека бројот на исчезнати е поголем, особено поради тоа што има делови кои се уште се непристапни.
„Без да пријават во полиција не можеме ние да ги водиме како исчезнати и да кажеме дека има такви, ако не се пријавени. Мора официјално да пријават во полиција, за да имаме ние евиденција. Официјално досега имаме едно лице исчезнато, шеснаесетмесечно дете“, изјави Лиза Бендевска од МВР.
Три дена по обилните врнежи, со информации во јавноста излегоа и од Дирекцијата за заштита и спасување. Оттаму уверуваат дека нивните екипи прават сè што можат за да ги санираат штетите од поплавите, повеќе од 250 вработени во Дирекцијата се на терен, а веќе од денеска купени се 1.180 нови пумпи кои заедно со постоечките 85, треба да ја испумпаат водата од загрозените населби.
„Имаме четири координатори, а Дирекцијата има свој штаб во училиштетото 25 мај. Во текот на вчерашниот ден повеќе од 100 семејства дошле и побарале помош. Таму сме лоцирани и на луѓето им даваме соодветна информација, помош и насоки на настраданите“, изјави Шабан Салиу од Дирекцијата за заштита и спасување.
Во моментот најзагрозени подрачја се Стајковци, Сингелиќ, Ченто, Стачинци, Булачани, Црешево и Камник. Покрај тимовите на Дирекцијата, на терен се и силите на МВР, Министерството за одбрана и волонтери кои можат да помогнат. Помош пристигнала и од Бугарија, Србија, најавена е од Босна и Херцеговина, а бил активиран и механизмот за заштита и спасување во Брисел и добиена е дозвола за влегување во сателистики снимки со кои ќе се има апсолутна прегледност во секоја погодена куќа.
Информациите дека е забранет пристапот на новинарите кон населбата Економија кај Синѓелиќ, поради можноста да има уште жртви на невремето, Салиу не ја потврди.
„Такви информации немам. Имаме четворица координатори. Во овој момент знам дека се удавени 22 лица, а за други не знам. Се зборува за неколку исчезнати. Пребарување на теренот има, а во тие акции учествуваат и наши луѓе“, рече Салиу.
Салиу не чувствува лична одговорност за последиците од поплавите. Вели дека не можело да се направи ништо повеќе и дека никој не можел да предвиди каква ќе биде силата на дождот.
„Нема апсолутна одбрана во моментот кога врне дожд. Тоа се случува за многу кратко време. Ние ги следиме долго време климатските промени и температурните промени. Но никој не можеше да предвиди дека вакво нешто ќе се случи.
Салиу тврди дека постои континуирана координација меѓу институциите и дека се следат насоките на Владата. Салиу уверува дека е во постојан контакт и со премиерот Емил Димитриев, иако пред неколку дена јавноста можеше да слушне како добива наредби од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а и денеска шетаа заедно.
Од саботата во ниту едно од од овие места нема електрична енергија. Од дирекцијата велат дека откако водата ќе се испумпа, ќе биде вклучена и електрична енергија и ќе се реализира санација на теренот. Очекувањата се дека за два до три дена ќе се забележат првите резултати за нормализација на животот. Веќе од утре ќе почнат со работа и комисииите за проценка на штетата кои ќе ги посетат погодените куќи.
Во меѓувреме од граѓанската иницијатива за хуманитарна помош формирана на социјалните мрежи ги повикуваат граѓаните да продолжат да донираат помош за настраданите, отфрлајќи ги како невистина информациите дека пунктовите се затворени.