Медиумска, партиска и етничка поделеност и при катастрофи

Дел медиуми на прво место ги ставаат политичките агенди, наместо јавниот интерес. Тие во чекор ги следат политичарите, а поплавените паѓаат во втор план. Друг проблем е и поделеноста по етничка линија во известувањето.

Кој за што е виновен, кој вметнувал провокатори, кој стоел зад негативни извештаи дури и надвор од земјата...

Партиските препукувања се чини добиваат повеќе простор во дел медиуми, а за сметка на тоа катастрофалните последици и услови во кои се наоѓаат граѓаните од најпогодените подрачја паѓаат во втор план.

Место интересот на граѓаните и информирањето, медиумите останаа да ги следат политичките агенди, а место јавниот интерес и во оваа ситуација да го штитат партискиот, коментираат упатените.

„Ние ретко каде можеме да видиме и чуеме граѓанин кој има одредени потреби и сето ова повторно се сведува на одредени политички и партиски пресметки и добивање, за жал, на поени што се базирани на пи-ар, промоција, погрешна информација и спинување“, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

Таа го потенцира и инцидентот во кој човек што го придружува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски физички нападна волонтер, но голем дел од камерите на македонските медиуми не се вртат за го снимаат настанот, а за него се дозна од бугарската телевизија Нова.

„Таа случка всушност е една многу јасна и трагична слика за тоа какво е македонското новинарство“, вели Трајкоска.

Дополнително застрашувачки и поразително за известувањето на медиумите е и поделбата по етничка линија, вели професорот Сефер Тахири. Па така за едните во втор план падна Арачиново кое е населено со Албанци, а другите ја истакнуваат катастрoфата во албанските етнички средини.

„Има етничка диоптрија во известувањето на медиумите, па така за жал и во дел медиуми на албански јазик имаше известувања дека жртви се десетина Албанци, значи се правеше и таква динстинкција што дополнително зборува за фактот дека медиумите се во тешка ситуација“, вели Тахири.

Работата на новинарите дополнително ја отежнува и не снаоѓањето на надлежните институции во контактите со јавноста односно немањето на кризен штаб кој континуирано ќе информира и ќе одржува прес конференции. Тоа покажува и дека партиските штабови за комуникации функционираат далеку подобро од државните, додаваат упатените.