За заштитата и деконтаминација на водите во земјава најпрво треба да се откријат изворите на загадувањето, коментираат експертите откако здравствените институции во изминатиов период објавуваат се повеќе случаи за неисправна вода за пиење и за капење на места кои се туристички атрактивни.
Центарот за јавно здравје неодамна ги објави испитувањата кои покажале дека во резервоарите на Попова Шапка и на Пелистер има фекални бактерии, а периодов актуелни беа и тврдењата на инспекторатот на Институтот за јавно здравје дека водата во Дојранското Езеро е небезбедна за капење.
„Како ќе развиваме туризам со загадени води? Па имате туризам и на места каде што воопшто нема вода. Значи региони коишто се многу послабо обезбедени со вода, имаат релативно активен туризам. Може да се донесе питка вода до овие туристички дестинации од други извори, значи не да се користи локалната вода, туку да се доведе чиста вода. Што се однесува до загадените плажи, тоа е еден посериозен проблем. Се работи за големи количини на вода коишто многу тешко може да се деконтаминираат и оној туризам што подразбира исклучиво седење и капење на плажа, навистина е непогоден во едни такви услови, кога има загадена вода“, вели професорот Ордан Чукалиев од земјоделскиот факултет во Скопје.
Меѓу оние кои алармираа да се преземат мерки за спасување на Дојранското Езеро се и Истражувачкото друштво на студенти биолози. Во нивните истражувања се вели дека Езерото се наоѓа во петта категорија според Европската директива, односно дека во него има преголема количина на хранливи материи кои доведуваат до анаеробни услови. Според нив, едни од мерките кои треба да се преземат за решавање на проблемот, се поставување на аератори кои ќе испуштаат кислород во водата, отстранување на седиментниот мил и на растителната маса.
Професор Чукалиев додава дека за спречување на загадувањето на водите во земјава, пред сè треба да се направи контрола на отпадните води и на можните извори на загадување.
„Тие можат да бидат од различни извори: фекални води од септичките јами, фекални води од земјоделски фарми. Значи постојат многу извори на загадување. Самиот процес на земјоделство може да допринесе на загадување со пестициди. Не би требало водите да се загадени на толкави надморски височини доколку тоа не е индуцирано од човек, значи претпоставувам дека изворот на загадување е човек“, вели Чукалиев.