Ако не се тие пари, нема да имаме за живот. Ова беше првата реакција на еден дебарчанец кога го прашавме за тоа дали им праќаат пари нивните роднини кои се во странство.
„Нашите брака и сестри помагаат. Ако не е таа помош тогаш тешко се опстанува“, вели Дритан Леши чии најблиски роднини живеат со години во Соединетите Американски Држави.
Парите што ги праќаат иселениците се повеќе од парите што државата ги одвојува за социјална помош и повеќе од странските директни инвестиции кои влегуваат во Македонија, а луѓето најмногу ги трошат за секојдневните потреби.
Конзервативните проценки кои се базирани врз анкетни истражувања покажуваат дека парите од иселениците изнесуваат околу четири отсто од бруто домашниот производ, вели професорот од Американ Колеџ, Марјан Петрески.
Таа сума, ако се оди според такви кознервативни процени поради потценувањето, на како што вели професорот, вистинските вредности воопшто не е мала и изнесува околу 400 милиони долари годишно пари од иселениците кои се слеваат кај нивните роднини во земјава.
„Тоа е еден многу голем износ што нашата економија го добива без да прави каква било каква контра- услуга и се уште е повисока од износот што Македонија го добива како странски директни инвестиции. Така што навистина станува збор за големи пари што се влеваат во македонската економија“, вели Петрески.
Сумата од 400 милиони годишно што ја споменува професорот всушност се пари кои иселениците ги праќааат по официјални канали, односно преку банки и фирми за трансфер на пари. Ако се соберат тие податоци и парите што се менуваат во менувачниците тогаш сумата е многу повисока и во 2015 година изнесувала 1.5 милијарди евра. Тоа всушност би претставувала 20 отсто од БДП, но упатените велат дека од друга страна тоа е преценето, па бројката веројатно е на средината и парите од иселениците изнесуваат околу десет отсто од БДП.
Според едно истражувањето спроведено во 2013 година за влијанието на парите од иселениците во Македонија, Косово и Босна и Херцеговина, околу 27 отсто од домаќинствата во Македонија се изјасниле дека имаат некого во странство. Истражувањата покажуваат и дека повеќе пари кај своите роднини праќаат иселениците Албанци во споредба со иселениците Македонци.
Дебар - Без нашите браќа и сестри во странство тешко ќе опстанеме
Во Македонија цели региони практично живеат од парите на своите роднини надвор од земјата. Таков е случајот и во Дебар. Иселениците од таму кои живеат во Соединетите Американски Држави и земјите на Европската унија, даваат силна економска поддршка на своите блиски во родниот крај.
Кенан Мимидиновски
Само во Америка има околу 15 илјади дебарчани, а голем е и бројот на оние кои работаат и живеат во земјите на Европската унија. Без материјалната поддршка што ја добиваат од иселениците жителите на Дебар тешко можат да опстанат.
„Во оваа улица каде што живеам има вкупно 24 куќи. Отворени се само четири сите други 20 се затворени бидејки тие се иселени. Најмногу се иселени во Америка каде што има многу дебарчани. Иселениците ги издржуваат своите роднини во родниот крај. Нашите брака и сестри помагаат . Ако не е таа помош тогаш тешко се опстанува“, вели Дритан Леши кој поголемиот број на своите најблиски роднини ги има во Њујорк .
Четирите деца на Зенго Мифтароски пак му се на печалба во Италија. Тој нагласува дека без нивната материјална поддршка тешко дека може да живее.
„Јас дома живеам само со жената. Примам минимална пензија која изнесува седум илјади денари и истата не ми стигнува само за храна, а не и за другите трошоци. Децата ми праќаат пари со кои живеам и плаќам сметки за струја, вода, телефони и други трошоци. Ако децата не праќаат пари ништо не правиме. Да ви кажам дека сите млади од оваа населба каде што живеам во Дебар сите се во странство. Овде не можете да сретнете млади. Тие многу помагаат на своите кои се дома. Ако не се тие тешко ќе ни биде и се прашувам како ќе живееме . Имаме среќа што младите ги имаме таму. Во Италија се и таму има проблеми економски , но сепак треба да се нагласи дека добро се, работат и ни помагаат“, вели Мифтаровски.
Деведесет отсто од парите за храна и сметки
Најголемиот дел од парите што им ги праќаат блиските македонските граѓани, пак, ги трошат за тековните потреби, храна, плаќање сметки и други неопходни работи.
„Во деведесет проценти се задоволуваат тековните потреби , за храна, за облека и за сите оние комунални трошоци околу домот и многу мал процент се користат за попродуктивни инвестиции. Мислам дека според податоците во анкетата само девет отсто приматели на дознаки имаа кажано дека барем дел од тие пари искористиле за да почнат некаков бизнис“, вели Петрески.
Тој додава дека според некои проценки ефектот што го имаат дознаките од странство врз сиромаштијата се движи околу три проценти. Објаснето пластично, додава тој, социјалната помош што ја дава државата има ист ефект врз сиромаштија во Македонија како и парите што доаѓаат од иселениците.
Во услови кога граѓаните и општеството се соочуваат со тешка економска криза, парите кои ги испраќа дијаспората за роднините во родниот крај стануваат неопходна потреба.
Александар Самарџиев
Во овој регион речиси секое семејство има свои блиски кои живеат и работат во странство. На голем дел од нив дури и секојдневната егзистенција им зависи од тоа колку пари ќе им пратат печалбарите.
„Ја имам ќерка ми праќа од Шведска, преку Вестерн Јунион. И сакаа да наплаќаа државата пари за тоа. За парите што ми праќаат, сакаат уште пари, ДДВ.“
„Мислам дека е главна донација, што доаѓа од странство поради оваа економска длабока криза. Сите луѓе се претежно невработени"
„Мора да праќаат. Мора да помогаат. Нормално дека праќаат. Криза e овдe, не прашувај веќе за криза. Тотална криза низ цела Македонија“, велат тетовци.
Летниот период е времето кога печалбарите најмногу се враќаат во Тетово. И тогаш дел од нивните пари остануваат тука од повеќе причини. Најмногу трошат кога се прават свадби со оглед дека се купува злато, гардероба, се плаќаат ресторани и музика.
„Најмногу за тоа. За свадби, за градење нешто доаѓаат“
„На работа нон-стоп. Немаат време да организираат свадби.Повеќемина ги прават свадбите овде. Повеќемина трошат многу пари овде.„ велат граѓаните.
Кај албанската заедница од Тетовско карактеристика е што печалбари најмногу имаат во Германија, Швајцарија и Данска. Македонците од ова подрачје најмногу на печалба се заминати во Америка и Канада.
Прилеп на грбот на младите иселеници
Во прилепско пак има поинаква ситуација. Таму дел од иселениците кои работниот век го поминале во странство, одлучиле да се вратат во земјава и тука да живеат со пензиите од западните земји. Во регионот најмногу пари стигнуваат од Австралија и од Америка.
Моника Талеска
Раде Степаноски од прилепското село Тополчани е тутунопроизводител и така вели се обидува со години да опстане во немаштијата и скапиот живот. Во четиричленото семејство никој не заработува, децата одамна заминале на школување и останале во Скопје, а неговите родители во трето доба од животот, не се во можност да придонесуваат. Ако не е вели помошта што ја добива од свои блиски родинини од странство тешко дека ќе врзи крај со крај.
„И мене ми праќаат. Од вујко добивам по нешто, по некој денари, скап е животот претерано, не можеш да достигнеш пари да земеш. Што ако живееме во село, со наши производи што ги произведуваме,не се стигнува,најмалку се потребни околу 30.000 денари, за струја, вода...се плаќаме“, вели Степаноски.
Неговиот пријател Пандо Чапкуноски, речиси негов врсник од истото село, вели дека расте бројот на жители кои се враќаат од странство, како пензионери и со тие пари не ретко ги помагаат семејствата на блиските.
„Од пошироката фамилија имам чичковци, тетки, вујковци кои се во странство и кои што им помагаат на нивните блиски. Е, сега колку им помагаат, дали редовно или инцидентно по потреба, свадба, смрт, болест, интервенираат,им помагаат“, заклучува Чапкуноски.
Само во Тополчани има преку 15 пензионери кои живеат со пензии од странство. Ист е случајот и со другите рурални средини во Прилепско. Голем е бројот на семејства кои живеат со пензии од нивните блиски од странство. А, пензионерите велат дека тие 1000 до 2000 евра што ги добиваат просечно, не можат да им го пружат тој конфор што го уживале во странство со редовните плати.
„Овде е прескапо, државата наплаќа многу високи даноци, а не им нуди ништо во замена на граѓаните, сите услуги во јавното здравство се превисоки“, забележуваат овие пензионерите.
Странските дознаки во филијалите на големите комерцијални банки се од сите страни од светот, но најмногу од Австралија и од Америка. Од друга страна,не само во руралните средини, туку и во градот, расте бројот и интересот на младите за заминување во странство, најчесто за работа на брод. Атрактивна за младите е и Германија, каде како што велат им се нудат високи плати, со кои може да ги остварат своите соништа.
Не е мал бројот на прилепски семејства, кои живеат со парична помош што ја добиваат токму од нивните деца, кои заминале на работа во белиот свет. Но, овие не многу високи суми се причина многу други семејства кои живеат на работ на сиромаштијата,да ја изгубат социјалната парична помош од државата. Сите бараат промена на економската клима и премногу рестриктивната социјална политика во државата.
Македонците во ЕУ и САД, Албанците во Швајцарија
Според етничката припадност истражувањата покажуваат дека македонските семејства имаат најмногу мигранти во земјите членки на Европската Унија, во северна Америка, Авганистан и Ирак, а најмногу Албанци мигрираат исто во Европската унија и во Швајцарија.
Она што треба сега да се направи, сугерира професорот Петрески е владата да понуди стимулативни мерки за да им помогне на дел од тие луѓе да ги вложат парите во микробизниси.
„Нема гаранција дека тие пари ќе течат до бескрај туку поентата е додека ги имаме тие пари со нив да направиме нешто што ќе им овозможи на тие луѓе што ги примаат да бидат самоодржливи да имаат некакво вработување и во услови кога тие пари би ги немало. Овде не станува збор за фабрики, туку мислам на микробизниси во кои тие луѓе би можеле да се самовработат“, вели Петрески.
Земјите во светот, пак, бараат начини да ги соберат парите од нивните иселеници. Голем дел од земјите во развој се свртија кон нивните сонародници во странство, односно нивните пари со пропагирање на таканаречени обврзници за дијапората. Станува збор за стратегија за финансирање која беше успешна во Индија и во Израел. Сепак, таа е често пати е незгодна за имитирање.
Гоце Атанасов
Околу 250 милиони луѓе или над 3 насто од светската популација живеат надвор од нивните татковини, се наведува во податоците на Светската банка од 2013 година. Тие се важен извор за финансирање на нивните земји. Само во минатата година тие испратија околу 440 милијарди долари, три пати повеќе од парите на глобалната помош за развој. Готовината од сонародниците, собрани на ваков начин, не е многу голема, но се чини дека заинтересираноста на земјите за оваа идеја расте. Египет најави должнички сертификати деноминирни во долари и евра за да ги намали големите курсни разлики.
Косово, за кое се проценува дека една третина од неговото насление живее во странство, предложи издавање обврзници за иселенците во минатиот месец. На неодамнешната конференција во Приштина бил изнесен податокот дека годишно косовската дијаспора испраќа од 600 до 700 милиони евра кои би било добро да се насочат во инвестиции во земјата. Лани обврзници за ислениците почна да изадава Шри Ланка. Но, не сите слични напори успеваат. Многу земји ја преценуваат великодушноста на нивните сонародници во странство. Најдобар пример за тоа е Грција која не успеа да собере 3 милијарди долари од милионската грчка заедница во Соединетите Држави како помош кога земјата се наоѓаше на дното на должничката криза.
Пред неколку години Етиопија не успеа да ги убеди нејзините сонародници надвор од земјата да инвестираат во една речна брана, додека Молдавија се откажа да издаде обврзници за дијаспората, бидејќи заклучи дека иселениците не се волни за тоа.
„Неопходно е владите навистина да се погледнат во огледало и да ја имаат предвид реалната состојба во калкулациите во врска со ова прашање“, вели Лејсл Ридл, професор од Универзитетот Џорџ Вашингтон.
Мамката за дијаспората како инвестициски извор е јасна. Инвеститорите со лични врски во татковината почесто од другите странци се подготвени да преземат ризик во инвестирањето и да останат кога ќе се појават некои проблеми.
„Кога имате стотици институционални инвеститори, постои голема можност за таканаречен „стадо менталитет“. Мало заплашување и сите бегаат“, вели Дилип Рата, менаџер во Светската банка.
Владите сонувајќи по евтини пари од нивните лојални сонародници во тешки времиња можат да погледнат во успешниот пример на Индија.
Од дијспората во текот на деведесетите години беа собрани инвестиции од над 4 милијарди долари. Или пак, од примерот на Израел кој собра над 40 милијарди од обврзниците за дијаспората уште од 1951 година. Некои земји како Грузија формираа и специјално министерство за дијаспората кое редовно организира состаноци со иселениците. Ова министерство донираше сопствена икона на која сонародниците и се молат кога доаѓаат дома. Другите иницијативи се најчесто ад хок. Но, не само владите се заинтересирани за парите од дијаспората. Има и некои фирми кои формираат своевидна платформа со цел да ги привлечат со можностите за инвестирање во татковината.
Со намалувањето на трошоците за дознаки, напредната технологија и движењето на луѓето кое не покажува знаци на опаѓање, Ридл вели дека инвестициите на дијаспората можат само да растат.
„Вклучувањето на дијаспората, психолошко социјално, економско па дури и политичко, е многу поголемо од пред пет години. Дијаспората станува трансннационален фактор“, додава Ридл.
Денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 18 јуни годинава.