Кој го насукува македонскиот економски Титаник?

Опозицискиот СДСМ обвини дека последната еврообврзница е најголемата санта на која се насукува македонската економија, која ја спореди со Титаник. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговори дека токму СДСМ го киднапирал бродот и намерно го наведува да потоне.

Со споредување на македонската економија со Титаник тече собраниската расправа за ребалансот на буџетот за 2016 година. Несогласувањата меѓу власта и опозицијата се само за тоа кој е капетанот што го насукува бродот на сантите мраз. Опозицијата бара повлекување на ребалансот, додека не се расчисти, како што вели, ујдурмата со еврообврзницата, додека власта вели дека сè е согласно законот.

Со ребалансот на буџетот се предвидува кратење на приходите за 49 милиони евра и кратење на расходите за 13 милиони евра. Буџетскиот дефицит се зголемува за 36 милиони евра, односно од 3,2 на 3,6 проценти од БДП. Капиталните инвестиции се кратат за 45 милиони евра, од 412 на 367 милиони евра, речиси колку што се кратат и приходите. Ќе има помалку и за субвенции, а повеќе пари за плати и за социјални трансфери.

Министерот за финансии Кирил Миноски, образложувајќи го ребалансот, рече дека успешното управување со јавните финансии останува приоритет. Поради политичката криза се очекува раст на економијата од 2,3 отсто, што е помалку од претходно предвидените 4 отсто, рече тој.

„Со овие измени и дополнувања на Буџетот се задржува определбата на ниско даночно оптоварување, без промени на даночната политика и благ пораст на буџетскиот дефицит како резултат на корекцијата на приходната страна и зголемените трошоци, делумно како резултат на политичката и мигрантската криза“, рече Миноски.

Со ребалансот се предвидуваат два отсто пониски буџетски приходи, реалокација на средства меѓу буџетските корисници наменети за исплата на плати, дополнителни средства за непречена исплата на пензиите, кратење на пари за буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, обезбедување дополнителни средства за националниот гасоводен систем, како и на обезбедување дополнителни средства за изградба на автопатот Демир Капија - Смоквица.

Пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ го спореди министерот Миноски со капетанот на бродот Титаник, Џон Едвард Смит.

„Вашата фискална политика сè повеќе личи како пловењето на бродот Титаник. Секоја година сè повеќе се мавате во сè поголеми санти мраз и само прашање на време е кога бродот, којшто за жал го водите, ќе потоне и граѓаните ќе почнат да се дават. Последната еврообврзница од 450 милиони евра е најголемата санта мраз“, рече Николов.

Тој додаде дека со еврообврзницата, која служи за предизборна корупција, владата ја уништува македонската иднина. Сакате да си купите власт на грбот на сите нас, рече Николов.

Миноски рече дека издавањето на еврообврзницата е законско и оти каматата е повисока од првично предвидената поради политичката криза.

Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека сите негативни последици во македонската економија во изминатите две години се по заслуга на СДСМ.

„Вие сте една групација на Титаник, којашто влегла во кабината којашто треба да го води бродот во вистински правец, сте ги окупирале луѓето и бродот намерно сте го насочиле во санта мраз. Притоа, удирајќи во санта мраз, први го напуштате тој брод, не водејќи воопшто грижа за патниците коишто се на тој брод“, вели Мукоски.

Тој направи споредба на економската состојба сега и во времето на СДСМ и заклучи дека состојбата сега е неспоредливо подобра во сите сегменти.

Пратениците на ДПА поднесоа 321 амандмани на буџетот, но ниеден од нив не беше прифатен на комисиската расправа. Законодавно-правната комисија ги прифати само двата амандмани поднесени од пратениците Крсто Мукоски и Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Закани за меѓусебни тужби за еврообврзницата

Опозицискиот СДСМ денеска соопшти дека ќе поднесе кривични пријави против министерот за финансии, Кирил Миноски и против заменик министерката за правда, Билјана Бришковска за противзаконско издавање на еврообврзницата. СДСМ вели дека ќе продолжи да ја оспорува еврообврзницата како законски јавен долг. Опозициската партија најавува кривични пријави и за останатите инволвирани учесници во, како што велат, оваа незаконска постапка.

Министерството за финансии во меѓувреме најави дека ќе поднесе соодветни тужби до сите инволвирани страни кои со клевета придонесоа за нарушување на меѓународниот углед на Македонија. Според нив, СДСМ продолжува со своите неосновани тврдења во однос на постапката за издавање на еврообврзницата со кои го нарушува и меѓународниот углед на земјата. Тие велат дека еврообврзницата е законски издадена и оти, согласно Kривичниот законик, кривична пријава може да се поднесе и за лажно пријавување на кривични дела.