Македонија вложува сериозни неповратни средства во увоз на електрична енергија и тие средства можат да се инвестираат во изградба на производни капацитети од обновливи извори на енергија, коментираат експертите во однос на стратегијата на земјата кон трансформацијата на застарените загадувачки енергетски системи.
Универзитетскиот професор Атанаско Тунески вели оти е потребен план којшто ќе овозможи Македонија да ја намалува својата енергетска зависност од сегашните над 35 отсто увоз на електрична енергија.
„Во зависност од ценета на електричната енергија, ние секоја година губиме отприлика 150 до 200 милиони евра за увоз на електрична енергија. Тоа се сериозни големи пари што државата ги дава, а неповратно се губат. Наместо тоа да се случува, или дел од средствата што се вложуваат во други непродуктивни капитални инвестиции, треба да се насочат кон изградба на производни капацитети од обновливи извори на енергија“, вели тој.
Неколку регионални граѓански организации, во рамки на проектот СЕЕ СЕП, објавија извештај за состојбата во енергетиката, повикувајќи ја Европската комисија посериозно да се занимава со напредокот на земјите во регионот за емисиите на стакленички гасови, нерационалното трошење на енергијата и лошите инвестиции во енергетски инфраструктурни проекти.
Во извештајот се вели дека од 2010 година производството на електрична енергија од јаглен во Македонија е намалено за 800 гигаватчасови (GWh), но оти во проценти е зголемено, веројатно поради зголемените врнежи. Македонија и Србија, се вели во извештајот, се на второ место во регионот според зависноста од јаглен. Македонија во 2014 година генерирала 14 GWh енергија од сончеви панели, со што станала лидер во регионот, но не го искористува потенцијалот што го има.
„Годишните потреби на електрична енергија на Македонија се околу 6000 гигаватчасови за домаќинствата и околу 2500 гигаватчасови за големата индустрија. Така што, ако овие бројки ги споредите со постојните 14 гигаватчасови од сончева енергија и 70 гигаватчасови од ветерна енергија, брзо ќе стигнеме до заклучок дека тоа се занемарливо мали количества. Со оглед на тоа дека Македонија има добри можности за развој на енергија од сончеви колектори, јасно треба да се стави акцент на изградба на што е можно поголеми капацитети од овие два типа на енергија“, вели Тунески.
Сепак, тој додава дека Македонија мора да смета и на изградба на енергетски објекти од конвенционален тип, бидејќи не може да се очекува дека ќе ја реши својата енергетска слика ако се фокусира само на обновливи извори.