Алексов - Не сме оптимисти дека договорот ќе се испочитува

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Алексов - Транспарентна ДИК за доверба во избирачкиот список

Тоа што се случи во изминатиот период од година и пол не ни дава за право да бидеме оптимисти и да кажеме дека на 31 август политичките чинители ќе седнат и ќе речат дека сето ова е добро и дека се оди на избори, вели Дарко Алексов од граѓанската асоцијација Мост во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Алексов, девет невладини организации и неколкумина поединци излеговте со документ за итни реформи коишто треба да се спроведат во општеството. Ден подоцна партиите се договорија за прочистувањето на избирачкиот список, медиумите, владата... Колку според вас овој договор што го постигнаа партиите може да донесе фер и кредибилен изборен процес?

Граѓанската асоцијација МОСТ во изминатите 14 години никогаш не ги третирала партиските договори. Граѓанската асоцијација МОСТ го третира системот и процесите во системот, бидејќи самиот систем е составен од процеси. Независноста на системот и независноста на процесите се наш приоритет, што впрочем провејува и во предлогот за итни реформи. Две работи. Првата е политичката волја, односно независност на процесите и на институциите во системот за да се спроведе каков било договор. Тоа што се случи во изминатиот период од година и пол не ни дава за право да бидеме оптимисти и да кажеме дека на 31 август политичките чинители ќе седнат и ќе речат дека сето ова е добро и дека се оди на избори. Зошто? Заради тоа што предизвиците кои ќе излезат во процесот на имплементација на ова што сега го имаат поставено како обврска да се сработи ќе треба да има политичка волја истите тие да бидат надминати и за да се дојде до крајниот резултат. Таквите предизвици во минатото не беа надминувани, односно се одеше праволиниски и секој си го читаше документот како што сака. Со други зборови, непостоењето на независни процеси и непостоењето на систем составен од независни институции во голема мера креира доза на песимизам дека сето ова сега што како - така е договорено во рамките на последните преговори ќе се сработи во предвидениот рок.

Околу 170 илјади гласачи ќе бидат ставени на посебна листа, а околу 40 илјади спорни ќе бидат предмет на конкретна регистрација до конкретен датум и доколку не се пријават за гласање ќе бидат избришани од списокот. Според вас, колку ова ќе овозможи доверба во избирачкиот список?

Избирачкиот список како генерална категорија е нешто што внесува уште во основата за да се има доверба во изборниот процес. И ако се вратиме наназад, значи сигурно ќе најдеме записи дека уште од 1998 години партиите го предизвикуваат избирачкиот список, за да од 2002 наваму можам да гарантирам за тоа зошто од тука МОСТ имаше мандат да ги следи тие текови. Ваквиот избирачки список е последица, а моментната недоверба во него е исто така последица меѓутоа од нетранспарентноста и немањето волја на Државната изборна комисија, отворено, јавно и недвосмислено да ги објасни бројките што произлегоа од вкрстените проверки од базите на институциите.

И на овој реформиран состав на Државната изборна комисија?

Апсолутно. Можете да се вратите назад во изминатите седум месеци, граѓанската асоцијација МОСТ сериозно го предизвикува концептот на функционирање на овој состав на ДИК, вклучително и начинот на кој ги искомуницира со јавноста сите овие параметри, сите овие бројки коишто се 330 илјади и се навистина сериозна бројка.

Една од препораките во делот избори и изборен систем е одвојување на државата од партијата. Колку според вас ова е возможно ака се нема политичка волја за такво нешто?

Очигледно во оваа година и нешто наназад ние не видовме вистинска и искрена политичка волја да се гради систем и да се прават независни процеси. Напротив, политиката е длабоко инволвирана во секоја сфера од општественото живеење. Што е битно да се разбере и добро да се испромовира во јавноста во наредниот период како еден од они моменти за да почнеме да влијаеме врз системот и истиот да го одвоиме од државата. Најбитно од се е под А, институциите да почнат да постапуваат, Б - секој функционер, секој раководител на сектор, секој директор на јавно претпријатие и раководител во јавно претпријатие треба да разбере доколку во рамките на претпријатието, институцијата и каде било ги брани партиските интереси, дава партиски наредби на вработените, прави притисоци, закани, уцени, мобинг итн., дека сите овие работи се објаснети многу детално во кривичниот законик и се третираат како кривични дела. Ако институциите во оваа фаза не постапуваат по сите овие наводи и по сите овие дојави или појави во општеството, треба да им е јасно на сите дена еден ден институциите ќе почнат да постапуваат и ваквото однесување ќе биде истретирано адекватно кривичниот законик и тие постапки ќе се вратат кон сите оние коишто вистински ги правеле овие прекршувања во рамките на системот.

Целото интервју со Дарко Алексов од Мост може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.