Трагична Македонија

Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

И ајде сега од каде да се почне, од политичката криза или проблемите кои се потпикуваат под тепих на грбот на кризата, а за кои решение скоро и да не постои, нормално сè додека не се смени главата, бидејќи нели, рибата смрдела од главата, пишува Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Новонастанатите ситуации по напатената ни Европа како да ја засенија сагата наречена политичка криза во Македонија, па луѓето небаре сме ги решиле нашите проблеми се насочивме во решавање на кризите во Турција и Франција.

Македонија како држава на експерти веќе вади решенија за можни разврски на кризите низ Европа, како да го оправдуваме она со пикањето носот, по туѓите дворови де...

А во Македонија, хармонија.

Плати и пензии нема, невработеност – кого интересира, политичка криза која се развлекува чиниш имаме пет животи на веков, млади бегаат, а и оние кои остануваат размислуваат да фатат магла.

И ајде сега од каде да се почне, од политичката криза или проблемите кои се потпикуваат под тепих на грбот на кризата, а за кои решение скоро и да не постои, нормално сè додека не се смени главата, бидејќи нели, рибата смрдела од главата.

Од особено значење за младите во Македонија беше отворањето на Регионалната Канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан која за разлика од сите нормални држави околу нас ние, на „најдемократски“ начин со триста перипетии и транспарентност каква што никогаш досега не сме виделе гласавме, биравме и одлучивме. Во меѓувреме АМС сфати дека освен спортот постоело и збор млади во називот па притрча да се вклучи во целиот тој процес на начин кој веќе и малите деца го знаат.

Врти сучи од еден излегуваат уште сто проблеми. Имено АМС како да го заборави и спортот па врвните достигнувања на македонските млади спортисти како да се заборавија, со собен акцент на достигнувањето од областа на тенисот. Периодов сме во можност да прочитаме како една млада и надежна тенисерка буквално растура по светот бркајќи го можеби и најдобриот ранг на еден македонски спортист од осамостојувањето до денес. Со оглед на тоа што Македонија и нема некаков, да речам, млад спортски амбасадор, притоа иако човек веќе неможе ни да помисли сепак мислев дека АМС ќе го оправда делот „Спорт“ од своето име и ќе помогне во понатамошните ангажмани на талентираната спортистка. Од тоа ништо.

Попатно според Заводот за статистика годинава младите студенти се решиле да не претстојуваат во студентските домови од проста причина што домовите на сè личат само не на сместувачки капацитети од тој тип. Веќе знаеме какви хорори од домови имаме па не жалиме за пари кога е здравјето во прашање. Ама затоа младите од ДПМНЕ имаат лице да ги повикаат студентите да користат „,обвновени“ читални во домови кои што прокиснуваат и се преполни со влага.

И зарем овој мал, но значаен дел од трагедијата во десет дела не е доволно да кажеме стоп и да свртиме нов лист. Зарем на веков останаа само стотина политичари кои и покрај тоа што ја уништија државата ќе им даваме дополнителен постор за да го доуништат и она што остана здраво на веков.

П.С. од 68,5 проценти си патиме.