Арбитражниот суд за спорт во Швајцарија ја одби жалбата поднесена од 68 руски атлетичари кои ја обжалија забраната да учестуваат на летните Олимписки игри во Рио. Судот соопшти дека е валидна одлуката донесена од Атлетската федерација да им забрани на руските спортисти да настапат на Олимпијадата.
Шефот на руската олимписка делегација Игор Казиков вели дека одлуката на Судот не е логична. Рускиот министер за спорт Виталиј Мутко изјави дека жали за одлуката, која, според него, е малку политичка и нема правна основа. Олимпискиот шампион во скок со стап, Елена Исинбаева, изјави дека одлуката на швајцарскиот суд значи „погреб на атлетиката“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вели дека одлуката за руските атлетичари е лоша вест и дека надлежните служби ќе ја разгледаат и анализираат ситуацијата. Тој се противи на колективна одговорност за сите спортисти.
„Се работи за спортисти кои се подготвуваат за Олимписките игри, кои немаат никаква врска со допинг ниту со обвинувањата или сомневањата за допингување, изјави Песков.
Меѓународниот олимписки комитет соопшти дека одлуката на Судот ќе им помогне да донесат одлука дали на Русија да и се забрани целосно учество на ЛОИ. Русија се соочува со допинг скандал во кој руските власти се обвинети дека го контролирале допингувањето на спортистите на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014, како и на други големи настани. Пред неколку денови Светската антидопинг агенција објави извештај во кој се наведува дека откриле оти лабораторија во Москва ги штитела руските алтелтичари за време на Олимписките игри во 2014. Во извештајот, кој го изработи тим предводен од канадскиот професор по право и спортски адвокат Ричард Мекларен, се наведува дека руското Министерство за спорт ги надгледувало манипулациите на резултатите од анализата на спортистите.
Јамајканскиот спринтер Усаин Болт рече дека забраната на руските спортисти да учествуваат на Олимписките игри во Рио де Жанеиро ќе исплаши многу луѓе и ќе ги натера да не размислуваат за допинг. Болт, кој има шест златни олимписки медали, вели дека одлуката ќе испрати силна порака. Тој вели дека неодамнешните активности покажале дека „кога лажеш и кога работиш против правилата, потоа ќе следи сериозна акција“.