Власта спремна за избори – Парите ги земаат, пендрекот не го даваат

Системот со помош на кој власта ги добиваше последните неколку избори е апсолутната контрола на сите финансиски текови во државава и целосна контрола во министерството за внатрешни работи, вели Стево Пендаровски.

Во месецов на интензивни преговори, неочекувано власта одлучи да го смени законот за полиција и да издаде еврообврзница. Првиот потег ги закочи партиските преговори, а вториот, пак, предизвика протести, одложување, но владата не се откажа, па еврообврзницата се реализира по понеповолни услови.

Системот со помош на кој власта ги добиваше последните неколку избори е апсолутната контрола на сите финансиски текови во државава и целосна контрола во министерството за внатрешни работи, вели професор Стево Пендаровски.

„Сега не случајно сите преговори за обнова на Пржино запнуваат на овие две работи. Инсистирањето да се издаде еврообврзницата, дури и по неповолни услови е само да се заврши работата пред финиширањето на пржинските преговори. Во однос на МВР е сосема јасно дека законот го изменија за понатаму да не дадат ништо и министерот кога ќе дојде да биде англиска кралица“, вели Пендаровски.

Но, поранешниот министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ, професор Трајко Славески, не гледа ништо поврзано меѓу задолжувањето и изборите. Владата со буџет што е усвоен, а и по ребалансот има предвидено буџетски дефицит кој мора од некаде да се финансира, тврди тој.

„Мислам дека се апсурдни тврдењата дека владата поткупува гласачи токму со парите од обврзницата. Прво е тешко да се утврди што е поткупување на гласачи, затоа што под тоа опозицијата подведува каква било активност на владата насочена кон финансирање на предвидените обврски“, вели Славески.

Пендаровски, пак, смета дека не постоела и никаква друга логика освен изборите за барањето за издавање втора евробврзницата за кус временски период и по крајно неповолни услови. Професорот, кој беше и претседателски кандидат на опозицијата, вели дека министерството за внатрешни работи и е важно на власта, оти е на врвот на пирамидата на неколку органи, кои како што додава, притискаат одредена категорија гласачи во текот на изборниот ден. Затоа, смета тој, отстапките што сега ќе ги направела владејачката партија ќе биле максимум до она што го предвидуваше претходно пржинскиот договор, па заменикот во МВР ќе ги блокира сите потези на министерот.

„Ќе има практично блокада на тоа министерство и тие ќе се обидат преку делови во министерството кои се под нивна директна контрола, на пример службата за државна безбедност, која нема да може да ја контролира министерот, да ги вршат највалканите работи на теренот. Во делот на финансиите нема да дозволат никаква, ниту симболична контрола на текот на парите“, вели Пендаровски.

Тој додава и дека покрај контролата на МВР и парите, третиот дел од триаголникот кој и бил потребен на власта за победа на изборите се медиумите за кои очекувал само козметички измени.