Македонија внимателно ја следи состојбата во Турција

Република Македонија ја поддржува демократски избраната влада на Република Турција, а во моментов се одржува состанок на групата за проценка за анализа на безбедносната состојба, информираат од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

Неуспешниот обид за државен удар предизвика особено внимание и во Макаедонија, со која Турција има пријателски односи. Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов информираа дека Република Македонија ја поддржува демократски избраната влада на Република Турција, а во моментов се одржува состанок на групата за проценка за анализа на безбедносната состојба

„По добивањето на податоците за намерите на вршење на воен пуч во Република Турција, Армијата на Република Македонија презема низа мерки и активности за заштита на државната граница. Кризниот менаџмент на Македонија ги следи состојбите во сите држави од регионот кои се соочуваат со безбедносни закани и мигрантската и бегалска криза. Македонскиот претседател е во постојан контакт со сите безбедносни институции во Македонија и со надлежните министри“, се вели во соопштението на претседателот Иванов.

Од таму велат дека Турција како земја членка на НАТО e голем пријател и стратешки партнер на Македонија, а претседателот Иванов го поддржува нормализирањето на состојбите во Турцијa.

Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи Никола Попоски во текот на ноќта телефонски разговарал со турскиот колега Мевљут Чавушоглу при што било потврдено дека турските власти работат на враќање на редот и мирот во државата и дека набрзо ќе бидат отстранети сите можни закани.

МНР во денешното соопштение наведува дека продолжува континуирано да ја следи состојбата во Турција и е во постојан контакт со Амбасадата на Република Македонија во Анкара и Генералениот конзулат во Истанбул.

„Согласно остварените комуникации со дел од македонските граѓани кои во моментов се наоѓаат во Турција, ве известуваме дека се безбедни и засега не е регистриран ниту еден повреден или загинат македонски граѓанин“, соопшти МНР.

Министерството апелира до сите македонски граѓани кои во овој момент се наоѓаат во Турција да останат на безбедни локации, да не ги напуштаат хотелите и објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации.

Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) тврди дека нема проблеми со безбедноста во хотелите во Турција и дека македонските граѓани кои планираат летување таму не треба да стравуваат од новонастаната ситуација.

Претседателот на СКТМ, Ѓорѓи Вчков, на прес-конференција рече дека контактирале со тур-операторите и туристичките агенции, со туристите кои се во моментов на летување во Турција и со претставници на хотелските комплекси.

Според податоци од агенциите, во моментов има околу илјада македонски туристи во летувалиштата во Турција.

„Сите туристи се здрави и контактирани од туристичките агенции. Си го поминуваат одморот, одат на плажа и се безбедни, пред се. Дел од нив се враќаат вечерва, дел од нив утре, има различни аранжмани“, изјави Андреј Сирачевски од АСА-тур.

Од агенциите рекоа дека за оние што не сакаат да отпатуваат, тогаш ќе важат општите услови за патување содржани во договорот што го склучиле со туристичката агенција, бидејќи засега МНР нема препораки.

Обидите за дестабилизација на Турција го осуди и Движењето за национално единство на Турците.

„Ниту во еден случај не го прифаќаме овој обид за воен удар и даваме целосна поддршка напретседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, на владата на Турција и на турскиот народ. Никој не може да биде против волјата на народот. Во што поскоро време виновниците треба да се предадат на рацете на правдата во Турција. Убедени сме дека Турција во најскоро време ќе ја преброди оваа состојба и ќе работи на јакнење на демократските капацитети и владеење на правото и правната држава“, соопшти ДНЕТ на Ердоган Сарач.