Македонија поставува нова стратегија за превенција и сузбивање на измами и нерегуларности со фондовите на Европската унија за периодот од 2017 до 2020 година. Денеска беше завршен заедничкиот проект на неколку институции од Македонија и Литванија, коишто подготвија официјален документ за подобрување на стратешката, законската и институционалната рамка за ефикасна заштита на финансиските инструменти на ЕУ.
Предвидено е водечка улога да има Управата за финансиска полиција на Министерството за финансии и да се зајакнат вештините на кадрите за аналитика и истраги во однос сузбивањето на нерегуларностите.
„Ова е прв официјален документ од овој карактер којшто треба да го донесе Владата. Тоа не значи дека досега Македонија постапувала без правила, бидејќи системот за пријавување на неправилности и детектирање на измами е акредитиран систем. Фактот што сега поставуваме една повисока рамка на формализирање на овој процес е резултат на тоа што Македонија сè повеќе започнува да користи Европски фондови“, изјави лидерот на проектот и директор на Управата за финансиска полиција, Александар Тргачевски.
Тој додаде оти досега се утврдени неколку случаи на потенцијални измами на средства и дека за нив се води истрага:
„Се работи за случаи кога претежно фабрики и земјоделски комбинати набавуваат опрема што не е согласно македонските стандарди“, вели тој.
Неодамна Европската канцеларија против измами (ОЛАФ), отвори истрага за тоа како Македонија ги трошела парите од ИПА фондовите. Оттаму не дадоа дополнителен информации, бидејќи, како што истакнаа, истрагата е во тек. ЕУ во изминативе денови прво скрати 27 милиони евра од ИПА фондовите, а потоа и дополнителни 69 милиони евра наменети за коридорот 8.
Во однос на прашењето зошто земјата ги губи парите од ЕУ, државниот секретар во Министерството за финансии Игор Димитриев вели дека не станува збор недостаток на политичка волја, ниту, пак, недостаток на капацитети за спроведување на проектите.
„Во определени случаи можеби дошло до определен застој или до проблеми коишто резултирале на ваков начин. Меѓутоа постои сериозна посветеност тие средства да бидат најпродуктивно и најдобро искористени од страна на Македонија. Впрочем овој проект кој сега го затвораме е доказ за посветеноста на државата за искористување на средства од европските фондови“, вели Димитриев.
Мартин Клауке од Делегацијата на ЕУ во Скопје посочи дека борбата против измами и корупција е клучен елемент во подготовката на земјата за пристап кон ЕУ во однос на ефикасното управување со финансиите. Тој вели дека нацрт – стратегијата против измамите ќе биде основа на идните реформи, како усвојувањето на новите измени на законите и подобрувањето на водечката улога на финансиската полиција.