Приказните се создаваат низ времето, нè здружуваат и со нив патуваме.
Ова е мислата водилка со која што започна и седмата авантура на Патувачкото кино на „Македокс“. Овојпат, таа наместо во август ќе се одвива во периодот од 11 до 25 јули во валандовско-дојранскиот регион. Проекциите започнаа во Пирава, потем следуваат оние во Чалакли, Костурино, Јосифово, Валандово, Богданци и завршуваат во Фурка.
Во рамки на Патувачкото кино, посетителите и локалните жители ќе имаат можност да погледнат повеќе документарни филмови од архивата на Кинотека на Македонија и од програмата на „МакеДокс“.
„Со текот на времето сфативме дека по селата, по овие мали места, подобро е на проекциите на посетителите да им пуштаме краткометражни филмови. Едноставно ни стана јасно дека долгометражните не функционираат во вакви средини. Дека жителите не се навикнати на таа естетика. Но, полека учиме едни од други. Учиме и ние како да ја конципираме програмата“, вели Петрула Велјановска, член на тимот на „МакеДокс“.
Таа дополнува дека во Пирава, од 1200 жители, на проекциите имало повеќе од 200 посетители, главно млади луѓе, деца и старци кои со нагласено љубопитство ја проследиле програмата.
Од друга страна, говорејќи за променетиот термин на Патувачкото кино, наместо во август во јули, на 30-на дена пред почетокот на „МакеДокс“, Велјановска ќе рече дека на ова се решиле поради тоа што во последните неколку години имале проблеми со временските услови, но дека всушност идејата е оваа авантура во некоја рака да стане предвесник на Фестивалот.
„Се договоривме Паувачкото кино да си ја добие функцијата да биде предвесник на „МакеДокс“. Да биде во функција на главното случување што на крајот на август ќе се одржи во Скопје. Воедно, ова е убава можност за собирање на креативниот тим и за комплетирање на програмата и сите придружни активности што следуваат“, вели таа.
Она што и дава посебност на годинашната летна патувачка понуда е и креативното здружување на „МакеДокс“ со Пасворд продукција, односно со нејзиниот „Д Фестивал“ кој во деновите од претстојниот викенд се одржува во Дојран. Ова подразбира дека во трите фестивалски дена филмската програма на „Д Фестивал“ ќе ја покрива екипата на „МакеДокс“. Така, во овој програмски сегмент, во амбиент којшто приличи на едно вакво големо случување, публиката ќе има можност да проследи неколку исклучителни документарни филмско-музички остварувања како „Звукокршач“ - делото посветено на исклучителниот фински и светски иноватор на хармоника Кимо Похјонен, „Барајќи го Фела“ - сторијата за еден од најзначајните африкански музичари и борци за човечки права – нигерискиот мултиинструменталист, композитор и творец на „афро-битот“ Фела Аникулапо Кути и аргентинскиот „Танцувајќи со Марија“ - добитник на наградата „Млад кромид“ за дебитантски филм минатата година.
Тука се кратките македонски остварувања како „Ликвидатор“ и „Ритам и звук“ на Трајче Попов и кандидатот за Оскар „Дае“ на Столе Попов.
Инаку, во текот на изминативе шест изданија, преку своите настани, „МакеДокс“ успеа да допре до вкупно 75.600 гледачи, од кои 24 илјади за време на Фестивалот во Скопје, околу 45 илјади како дел од образовната програма за деца и млади во основните училишта, повеќе од шест илајди присуствуваа на проекциите на Патувачкото кино во 44 помали населени места низ Македонија и околу 600 посетители кои ги следеле проекциите во рамките на дистрибутивните проекти на манифестацијата.
И, кон ова само уште информацијата дека седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, под мотото „Сите сме приказна!“, ќе се одржи од 20 до 26 август во Куршумли-ан и во Младинскиот културен центар во Скопје.