Од здружението „Го сакам ГТЦ“ денеска излегуваат на протест заедно со „Шарената револуција“ со цел уште еднаш да им порачаат на властите дека не сакаат трговскиот центар да добие лик во барок стил. Битката за ГТЦ трае со години, а лани беше организиран и референдум во Oпштина Центар кој не успеа, бидејќи не излегоа да гласаат над 50 отсто од регистрираните гласачи. Претходно граѓаните направија и жив ѕид со кој симболично порачаа дека не се откажуваат од автентичноста на објектот.
Активистот Никола Писарев од здружението „Го сакам ГТЦ“ вели дека протестот е првична реакција по одлуката на властите да продолжат со проектот. Што ќе преземат во иднина се уште не знаат, но, како што наведува не се откажуваат и ќе ги испробаат сите мерки кои им се на располагање. Очекува да успеат во својата намера и да го спасат ГТЦ.
„Веќе 4 години трае таа борба, така да ќе продолжиме и ќе видиме до каде ќе стигнеме. Има инструменти кои ни се на располагање“.
За архитектот Даница Павловска однесувањето на Владата е ирационално и аргументите против проектот биле поткрепени и бесмислено е според неа да се остане со спроведување на политиката која во случајот нема оправдување.
„Она што е манипулација и она што е навредливо не само за нас стручната јавност и за граѓанинот како таков е злоупотреба на законската можност објектот да се прогласи за градба од посебен интерес што се прави само поради одлучување по однос на таа градежна срамна би рекла интервенција на него како систем, како функција, содржина естетика и културно наследство пред се“, смета Павловска.
Писарев додава дека се работи за желба за одмазда на власта да го направи во барок цело Скопје, при што и останале уште неколку објекти кои се важни за граѓаните и градот.
„Чиста желба за одмазда за да се заврши. Веќе тоа не е дел од Скопје 2014, ниту од ништо и сега ова ќе биде игра на живци. Едноставно вон секоја здрава логика е во ситуација кога државата е во сериозна криза и онака лошите односи меѓу луѓето, а да не зборуваме и за партиите да се продлабочува кризата и да се отвораат нови рани. Тоа се работи буквално за желба на одмазда на власта за сите удари со кои се соочи во изминатите години“, истакнува Писарев.
Во 2012 година Владата на ГТЦ му ја тргнаа заштитата како културно наследство, а пред неколку дена го прогласи како објект од посебен интерес. Со одлуката и се одземаат ингеренциите на општина Центар, чиј градоначалник Андреј Жерновски се противи на проектот. Се уште не се знае колку ќе чини барокот за ГТЦ.