Неделниците го анализираат говорот на Груевски

Со говорот на 26-роденден на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот премиер Никола Груевски ја отфрла демократската маска, пишува Глобус, додека Република пишува дека ако институциите толерираат, народот ќе се справи со платеничката орда. Фокус прашува дали Груевски ќе биде првоосомничен во случајот Скопје 2014.

Глобус - Груевски ја отфрла демократската маска

„Груевски ја отфрла демократската маска“ - пишува најновиот Глобус, осврнувајќи се на говорот на поранешниот премиер на роденденската прослава на неговата партија и на заминувањето „на кумот Ставрески од ареалот на експремиерот Груевски“. Прославата на роденденот, според неделникот, Груевски ја искористил уште еднаш да покаже дека кај него нема идеологија и дека политиката одамна ја има сфатено како бизнис. „Така и дојде на чело на државата во 2006 - со ветување дека за сметка на Медлин Олбрајт ќе го сруши влезот на австриско-германските фирми во областа на енергетиката. Олбрајт брзо го напушти тој бизнис, откако на Косово сфати што е тоа ‛ридестиот Балкан‛, ама нам ни го остави Груевски (и Ставрески) за да се бориме со нејзиниот случаен легат“, наведува Глобус, за да додаде дека „Груевски, и не само заради Ставрески е во фаза на талкач со изгубен компас, пред сè во однос на неговата лична судбина, на заталкан диктатор во мало парче европска земја. Болниот министер за финансии може да биде непријатен сведок, а паранојата секако работи. Затоа говорот на Груевски на роденденската прослава е досега најчиста закана од отворена диктатура и повеќе е наменет кон надвор отколку кон внатре“, смета неделникот.

„Демек, нека мисли Западот што ќе стане со безбедноста во регионот ако јас ги извлечам партиските луѓе на улица. И нему му е јасно дека стравот на западните дипломати, посебно кога се работи за преземање порадикални мерки е врзан за неизвесноста на безбедносниот баланс на земјава“ - завршува Глобус.

Фокус - Дали Груевски ќе биде првоосомничен за Скопје 2014?

„Дали Груевски ќе биде првоосомничен за Скопје 2014?“ - оди со прашање на насловната Фокус, затоа што, како што објаснува во анализата, снимените разговори за овој проект откривале како однапред се договарале цените, и оние за материјалите користени при изведување на објектите, и оние за уметниците, но секако и за провизиите. Изворите на Фокус му откриле дека има снимки од кои станувало јасно како споменик што вреди стотина илјади евра стигнувал до два милиона. Истите извори за неделникот тврделе дека во сите нив се јавува името на поранешниот премиер, што во овој момент го прави кандидат за првоосомничен во мегаслучајот Скопје 2014-та, заклучува Фокус.

Република - Ако институциите толерираат, народот ќе се справи со платеничката орда

Република на насловната со, горе-долу, истата теза на Груевски искажана во роденденскиот говор: „Ако институциите толерираат, народот ќе се справи со платеничката орда – На агресијата мора да се одговори“ - гласи текстот на насловната страница покрај фотографијата на испрсканиот со боја Прометеј „со гаќички“. Авторот на воведникот „искрено се надева“ дека народот „како последен на линијата на одбраната на државата и на националните интереси“ немало да има потреба да ги преземе работите во свои раце. Па, за да се избегнело тоа, ќе треба институциите на државата да покажат волја и капацитет да одолеат на сите притисоци, отворено повикувајќи ги „да ги почитуваат законските обврски и можности за заштита на поредокот“, а во спротивно, „да се повлечат од функциите доверени од народот за да не ја доведат државата на прагот на самоуништување“ - предупредува Република.