СДСМ „паузира“ во Собрание, бара избори на 6 ноември

Претседателот на СДСМ Зоран Заев соопшти дека партијата времено се повлекува од работата на парламентот додека Уставниот суд не се изјасни за уставноста на СЈО. Вели дека избори се можни на есен.

СДСМ времено се повлекува од работата на Собранието и бара избори на есен. Ова го порача лидерот на опозицијата Зоран Заев на денешната прес-конференција во партиското седиште. Според него, СДСМ и коалициските партнери нема да учествуваат во работата на Собранието сè додека Уставниот суд не се изјасни по иницијативата за законитоста и уставноста на СЈО. Тој истакна дека сите рокови се пробиени, а трпението на граѓаните е при крај, при што длабоката политичка криза, според него, треба што побрзо да заврши.

Тој го повика Уставниот суд веднаш да се изјасни по иницијативата, бидејќи, како што рече недозволиво е повеќе од 8 месеци да трае постапката и правдата да се држи во заточеништво. Според него, пратениците имаат обврска да дејствуваат во заштита на институцијата, која е симбол на правдата и вистинската борба против криминалот и која пратениците едногласно ја изгласале. Заев порача и дека сите политички партии на истиот начин треба да докажат дека навистина ја поддржуваат работата на СЈО.

„Сакам да биде јасно, СДСМ и коалицијата не го напуштаат парламентот. Ние времено ја замрзнуваме нашата работа и активност во заседанијата на парламентот, пленумот и комисиите. Не го посакуваме тоа. Ова е само еден добронамерен чекор, без да биде никако поинаку сфатен, како апел до Уставниот суд да се свика и да донесе одлука за уставноста на Специјалното јавно обвинителство. Не ја прејудицираме таа одлука. Бараме да одлучува по таа иницијатива, заради тоа што неодлучувањето останува надвиснат меч над главата на СЈО, а сите се согласуваме дека претставува трошка надеж за враќање на правото, владеење на правото, правната држава и можноста законот да важи подеднакво за секој граѓанин на Република Македонија“, рече Заев.

Според него, договорот од Пржино не може да се смета за одржлив без обезбедување на владеење на правото и почитување на законите и тоа како што рече е единствениот излез од политичката криза. Вчерашниот говор на претседателот, Заев го нарече срамен, додавајќи дека доказите кои наводно ги добил од разузнавачките служби за граѓанска војна треба јавно да ги објави или во спротивно да си поднесе отказ.

„Ѓорге Иванов треба веднаш да замине. Ако сака да и помогне на Македонија, може тоа дополнително да го направи прецизно на 26 септември и плус 40 дена, на 6 ноември да одиме на избори. Уште еден аргумент зошто есента треба да одиме на избори“, рече Заев.

Тој додаде дека изборите се решение за политичката криза, но претходно треба да бидат исполнети минимум услови за нивно спроведување. Според него, прочистувањето на избирачкиот список да се заврши што поскоро, при што политичките партии ќе немаат свое влијание во исполнување на тој услов, а и реформите во медиумите веднаш да се случат, при што тогаш ќе може да се дефинира датумот на изборите и Владата којашто треба да ги подготви. Но, како што рече, не е во план изборите да се случат во редовниот термин во 2018 година.

„Може да сонуваат за 2018. Ова не го правевме да владеат. Што мислат да постигнат договор, па да направиме за 2022 да останат на власт. Ова е криминална банда и треба час поскоро да заминат од власт. Ние мислиме дека час поскоро е подобро за граѓаните и за Македонија. Ние немаме против да одиме на избори заедно со локалните избори, но зошто граѓаните и Македонија да губат дополнителни шест, седум месеци. Ајде есенва да излеземе на избори“, рече Заев.

Но и покрај барањето на Шарената револуцијата и на опозицијата иницијативата не е ставена на разгледување ни на 18-та седница на Уставниот суд која треба да се одржи наредната среда.

Од Шарената револуција вчера упатија јавен повик до пратениците да не учествуваат во работата на Собранието се додека не се обезбеди правда и граѓанско учество. Од Шарената револуција, побараа од пратениците, како што велат да дејствуваат и да им помогнат на граѓаните да ја обезбедат заштитата на СЈО и да се стават во одбрана на Уставот.