Тоа е прв референдум во Британија во изминативе над 40 години што е поврзан со Унијата. Анкетите покажуваат дека двата табора се со изедначени шанси за успех.
Најверојатно, одѕивот на гласачите, ги има над 46 милиони, ќе биде клучен за резултатот.
Поддржувачите за останување за кои се смета дека традиционално се поапатични, последниве денови беа посебно мотивирани за гласање.
Тоа особено по тридневната суспензија на кампањата до која дојде откако во минатата недела беше убиена проевропската лабуристичка пратеничка Џо Кокс.
Во првото појавување пред судот, нејзиниот убиец извикал „смрт на предавниците, слобода за Британија“.
Ако Британија изгласа да ја напушти Европската унија која веќе е разнишана од поделбите во врска со миграцијата и со иднината на еврозоната, Унијата ќе ја загуби својата втора најголема економија, една од двете најголеми воени сили и најбогатиот финансиски центар.
Според предвиденото, на гласачките места не се планирани поголеми излезни анкети, а пребројувањето на гласовите би требало да заврши со петочното изгрејсонце.
Настрана резултатот, постојат неколку непредвидливи работи. Британскиот премиер Дејвид Камерон најави дека веднаш ќе ја информира Европската унија доколку Британија реши да замине.
Ако загуби тој ќе биде под голем притисок од неговата поделена Конзервативна партија да си поднесе оставка. Тоа може да се случи дури и ако победи.
Лидерите на поголемите партии во Европскиот паралмент веќе имаат закажано за утре во 7 часот во Брисел средба во врска со резултатот од референдумот.
Во наредните денови ќе следуваат многу состаноци на разни нивоа.
Официјални претставници на Унијата инсистираат дека не постои „План Б“ за брегзитот.
Но, аналитичарите потсетуваат дека истото се тврдеше и лани кога Грција, поради огромниот долг, беше на чекор да излезе од еврогрупата. Сепак, потоа се дозна дека имало таканарачена „Соба Б“ каде што тим на експерти подготвувале ново сценарио.
Доколку Британија реши да остане Камерон ќе инсистира на итно усвојување на рефорскиот пакет што го издејствува од евролидерите во март годинава со кој на Британија и се дава специјален договор за миграцијата.
Тоа пак ќе предизвика страхување кај некои земји, како Франција например дека Британија ќе продолжи да инсистира на нови услови во Унијата.
По одлуката за излегување пак, сите закони на ЕУ ќе важат во Британија уште две години кога Лондон ќе го почне процесот за напуштање на блокот.
Во меѓувреме, британските претставници ќе останат во Брисел, но ќе немаат вистински глас.
Се очекува Лондон и да се откаже од претседавањето со Унијата во втората половина од 2017 година.
Како и да е, по денешниот референдум односите меѓу Британија и ЕУ остануваат во сферата на непознатото.