Судoвите под партиски диктат

Судовите одговараат позитивно за речиси секое барање на Јавното обвинителство за мерка притвор, освен кога станува збор за барањата на СЈО. Политичките партии, пак, меѓусебно се обвинуваат дека вршат притисок врз судството.

Мерката притвор за осомничените во предметите кои се под надлежност на Специјалното јавно обвинителство го размрдаа македонското судство. Едни судии одредуваа мерки притвор, по што други им ги укинуваа одлуките, а некои предмети беа вратени на повторно разгледување.

Жалбите и одлуките за битолскиот градоначалник Владимир Талески, патуваат од Скопје до Битола и по пет дена. Во меѓувреме политичари од владиниот врв станаа чести гости на Основниот суд, одговарајќи на поканите за распит. При еден распит на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на судија му се слоши, по што интервенираше брза помош.

Ваквото невоедначено постапување на судиите поврзани со предметите во кои главни осомничени се носителите на власта, покажуваат дека тоа го прават само на формално ниво за да се прикаже во јавноста дека судовите постапуваат по закон, а не под диктат на партијата, вели професор Осман Кадриу. Тој објаснува дека од крајниот исход во постапката е очигледно дека и првата и второстепената судска инстанца се на иста линија, а тоа е да не се одредат поригорозни мерки како што е притворот.

„Се со цел да се кочи постапката, се со цел да се оневозможи да се расветли она што во правото се нарекува кривично правен настан.“

Досегашната практика покажува дека за речиси секое барање на Јавното обвинителство за мерка притвор судовите одговарале позитивно, освен кога станува збор за барањата на Специјалното јавно обвинителство, каде што ретко одговориле позитивно на кое било барање.

Во меѓувреме политичките партии не престануваат да се обвинуваат меѓусебно за вршење притисок врз судството.

Поранешниот премиер Груевски тврди дека опозицијата отворено им се заканува на судиите, преку последната најава за кривична пријава за судијка.

„Замислете кривична постапка за став или одлука на судија, никогаш тоа не ни се случувало, и повторно молк од невладините организации, но и од преставниците на меѓународната заедница. Кога ова го прави СДСМ, тоа е демократија, ако пола од ова го правеше ВМРО ДПМНЕ тоа ќе беше тоталитаризам и режим“, вели Груевски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ослободен активистот на Шарената револуција

Од друга страна во предметот Ликвидација, судии, обвинители и адвокати добија пресуда од една до пет години казна затвор. А во предметот Јустиција, двајца пензионирани судии добија условни казни, а кривично беа гонети 11 судски службеници за злоупотреба на службена должност.

Вистинска закана до судиите пристигна од граѓанското движење ГДОМ.

„Треба да им биде јасно дека во идно време, многу пати повеќе од овие луѓе што сме собрани сега, ќе дојдеме и нема само неколку луѓе да влеземе во судот, туку сите луѓе ќе ги поканиме и да влеземе во судот, исто зашто ова е наш, македонски суд“, изјави пред судот Александар Пандов на протестот за поддршка на Талески.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пандов - Ако не судат праведно, ќе влеземе во судот

На што судот возврати дека дека не е во ред да се испраќаат закани, додека претходно и за помали протести пред нивните порти гласно се жалеа дека со тоа се врши притисок.

„Овој суд и досега ги осудувал насилните протести, јавните настапи како и обидите преку закани кон судии со водење кривични постапки и кривични пријави против истите за нивното искажано мислење во судска одлука што е неприкосновено уставно и со закон загарантирано право на судиите своето мислење да го искажат во својата одлука“, беше наведено во нивното соопштение.

Ниту опозицијата не беше нежна кон Судот.

„За криминогената и незаконска одлука на судијката Александра Поп Стефанија СДСМ ќе поднесе Кривична пријава. Во името на заштитата на правото и законите СДСМ ќе побара преиспитување на нејзината работа како и работата на претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски“, изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

Во неколку наврати лидерот на СДСМ Зоран Заев тврдеше дека не го признава овој суд, затоа што работи под диктат на власта.

„Правосудството е под целосна контрола на Никола Груевски и неговата власт“, вели Заев.

Таквото тврдење го поткрепи со дел од прислушуваните разговори.

Според аналитичарите притисоците од политичарите претставуваат удар врз правната држава.