Вртење на грбот на соседите и враќање кон изолација се косат со сето она што Европа и Британија претставуваат, рече Јункер за време на вчерашната посета на Атина.
Тој додаде дека Унијата вложила многу за зачувување на мирот, слободата и просперитетот, создавајќи модел на кој му завидува целиот свет.
„Тој модел е невозможен без Британија“, оцени Јункер, додавајќи:
„Напуштањето на Европската унија сето тоа ќе го доведе во опасност. Тоа ќе го намали и она што можеме да го постигнеме во иднина“, рече Јункер.
Во меѓувреме, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека Европската унија мора да се менува без оглед на тоа дали британците ќе гласаат за останување или заминување.
„Европа не е во добра форма“, рече тој на една економска конференција во Берлин, изразувајќи надеж дека Британија ќе се изјасни да остане во Унијата.
Сепак, како што рече, „без оглед на резултатот од референдумот нема да бидеме во можност да работиме како досега. Во спротивност луѓето ќе речат дека ние не сме ги разбрале“.
Тој оцени дека Британија е важен пазар за Германија и оти нејзиното излегување ќе и нанесе штета на германската економија.
Јерен Дијселблем, кој е претседател на еврозоната, смета дека Европската унија треба приоритет да му даде на ставањето ред во сопствениот дом во смисла на подлабока интеграција.
„Ајде да не правиме натамошно проширување на европската куќа додека таа е толку нестабилна. Ајде да го поправиме она што го имаме“, рече Дијселблем во Берлин.
Според него, важно за Унијата е да ги зајакне проектите што веќе ги има започнато со цел да се обезбеди просперитет и безбедност.
„Тоа не значи дека ни треба целосна политичка унија, туку да го зацврстиме тоа што го имаме“, изјави Дијселблем.
Поранешниот француски претседател Никола Саркози ја нагласи важноста на француско германското партнерство.
„Ние сме двете најнаселени и најмоќни земји во Европа. Германија не може сама да управува во Европа. Франција не може сама да управува во Европа. Не постои друга алтернатива“, изјави Саркози.
Претходно, британскиот премиер Дејвид Камерон уште еднаш апелира до гласачите да го поддржат останувањето на земјата во Унијата.
„На избирачкото место ќе бидете само вие. Само вие ќе донесете одлука која ќе влијае врз вашата иднина, врз иднината на вашите деца и вашите внуци“, изјави Камерон пред Даунинг стрит број 10.
Во меѓувреме, активистите за заминување на Британија ја фокусираа нивната кампања врз она што го сметаат за неконтролирана имиграција во земјата.
Според посматрачите, клучен елемент за резултатот од референдумот ќе биде одѕивот на гласачите.