Џенгис Ибрахим со рајската музика од „Хиџаз 2“ на Скопско лето

„Хиџаз 2“ е насловен мултимедијалниот перформанс на виртуозот на канон и на саз Џенгис Ибрахим, што во рамките на „Скопско лето 2016“, ќе се одржи оваа среда, на 22 јуни, на Малата сцена при Македонската опера и балет. Музикотерапевтот во прогрес, низ дијалог со културите на светот, ќе понуди свое видување на ренесансата, барокот и современата звуковност.

По седум години од првичното претставување на проектот во Музеј на град Скопје, музичарот, теоретичар и педагог, виртуозот на рајскиот инструмент – канон и мајсторот на уште неколку стари турски инструменти како уд и саз, „музикотерапевтот во прогрес“ - м-р Џенгис Ибрахим, еве го повторно со „Хиџаз“. Овојпат, во второто издание на потрагата и чествувањето на древната музика и нејзината синтеза со денешнината, тој зад себе ќе ги има музичките собеседници Петар Христов на кларинет, контрабасистот Зоран Павловски, вокалистката Ана Митоска и Бирол и Хусамедин на деф.

„Ќе свирам светска музика. Значи таа стара, древна музика што ја компонирале своевремено султаните, ќе ја синтетизирам со звуците од времето. Со елементи од 17 и 18 век и современиот звук. Ќе направиме еден перформанс со цел да се доближи до денешниот слушател силата и моќта на старите скали. Во фокусот ќе ни биде естетиката на музиката. Техниките на свирење. А, тие ќе бидат обоени од зачините на Истокот, меракот, наргилето, локумот, баклавата... Сакам сето тоа да го изместам и да ги произведам со некакви постмодернистички бои, вибрации на инструментот“, вели Џенгиз Ибрахим.

Овој мајстор на својот занает, член на холандските „Музичари без граници“, своевремено соработник на МИЗАР, АНАСТАСИЈА, Влатко Стефановски, автор на театарска музика за претставите „Солунски патрдии“, „Женички“, „Баханалии“, „Ќелавиот Мехмед“, „Шехерезад и Шехријар – Приказни од 1001 ноќ“ и потписник на четири албумски објави, дополнува дека, иако повеќе од три децении го изучува рајскиот инструмент, сè уште не успеал да проникне во ниту половина од неговите тајни. Затоа, како што ќе рече, тој сега чувствува потреба да го сподели стекнатото знаење и да го обелодени „Хиџаз 2“, како проект кој за него има две значења – прво како име на влијателна тонска скала која има смирувачки карактер и второ како негова инструменталистичка насоченост кон џезот како најслободарска музичка форма.

„Јас сум џезер во класична форма, бидејќи постојано експериментирам, постојано додавам. Секаде сум. Сакам да чепкам, да истражувам во музиката во сите нејзини сегменти“, вели Ибрахим.

Инаку, посебна улога во актуелната музичко-сценска приказна на Џенгис Ибрахим имаат неговите пријатели - кореографката и балерина Олга Панго, со која патем тој соработуваше како инструменталист во нејзината постановка „Врати“ и видео-дизајн артистот Емил Петров. Панго подготвила и премиерно ќе прикаже една нова кореографија, а Петров со свое видео визуелно ќе го илустрира овој 60-минутен перформанс. Едноставно, според зборовите на Ибрахим, тие ќе го покријат или ќе го надополнат она што нема да го каже, да го отсвири тој на својот канон.

„Хиџаз не е класичен концерт. Сакам тоа да биде поразнолик настап. Да не биде здодевен. Да излезам од клишето на обичен концерт. Можеби по неговата изведба, вие или било кој друг ќе може да го наслови како друг жанр“, вели тој.