Дури и Србите кои се огорчени поради улогата на европските земји во војните во поранешна Југославија, сега сакаат да му се придружат на клубот и анкетите покажуваат дека мнозинството би гласало за влегување.
Но, иако Балканот е желен да и се приклучи на Европската унија, тоа не важи и за Унијата.
„Регионот се спушти под дофатот на радарите и е запоставен“, вели Тања Мишчевиќ, главниот српски преговарач со Унијата. Брисел нема визија за Балканот.
Без оглед каков ќе биде резултатот од британскиот референдум, тензиите што ги поттикна можат дополнително да го одложат проширувањето на Европската унија.
Повеќето балкански земји кои сакаат да и се приклучат на Унијата, релативно добро ги исполнуваат потребните критериуми.
Официјални претставници во Брисел го истакнуваат напредокот што го постигнале Србија, Црна Гора, Косово, БиХ и Албанија. Македонија, како што забележува Фајненшал тајмс, уназадува.
„Чашата е повеќе од половина полна“, вели еден претставник во Брисел. Сепак, земјите членки се скептични во врска со проширувањето.
Балканските влади беа алармирани од холандскиот референдум на кој беше отфрлена Спогодбата за асоцијација со Украина.
Што ако и покрај исполнувањето на тешките услови тие ќе бидат отфрлени на референдум во некоја земја членка?
Во меѓувреме, Европската унија го загуби нејзиниот интегритет во регионот.
Македонија е во длабока политичка криза над една година, па огорчената Германија испрати свој пратеник да го среди нередот.
Косовската влада се обиде да ја намали моќта на мисијата на ЕУ во земјата.
Во Србија провладините медиуми ја обвинуваат Унијата дека била зад антивладините протести.
Земја која најмногу напредна кон Унијата е Црна Гора. Според невладиниот активист Далиборка Уљаревиќ, евроинтеграцискиот процес е најмоќен мотор на реформите во регионот.
Но, како што додава, иако нејзината земја ги прифаќа европските закони не прави многу за да ги спроведува.
Тоа важи и за целиот Балкан. Сепак, и покрај недостатоците, евроинтеграцискиот процес направи многу добри работи.
Некои промени се дипломатски како односите меѓу Србија и Косово, другите се околу начинот на владеење и борбата против корупцијата.
Она што е јасно е дека на балканските земји, енклава опколена од Европската унија, им се потребни пријатели. Доколку Унијата е преокупирана со нејзините сопствени проблеми, Русија е подготвена да влезе во игра.
Србија веќе договора трговска спогодба со Евроазиската економска зона, во која доминира Русија.
Доколку европскиот процес на проширување во Балканот остане само на зборови, други ќе тргнат да го пополнат политичкиот и економскиот вакуум, секако на штета на Европа, се потенцира во написот објавен во Фајненшал тајмс.