Неделниците за оставката на Ставрески и фамилијата

Неделниците пишуваат за оставката на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски. Пишуваат и дека до истекот од првата половина на јуни ниту еден фактор не успеал да се наметне како водечки во изнаоѓање излез од политичката криза.

„Фамилијата на цедило‟ - објавува Фокус на насловната, објавувајќи духовита монтирана фотографија на Ставрески во када како во едната рака држи симбол на еврото, а во другата симбол на доларот. Па дообјаснува во насловот дека „Благајникот ги напушти лудаците‟.

Сево ова во врска со оставката на министерот за финансии и првиот извршител на Груевски во трошењето народни буџетски пари. А во воведната колумна неделникот дијагносатицира дека сме болно општество, до балчак и тоа. Се јавиле антитела, Шарено револуционерни, како што вели, ама, како докторите на Ставрески што му сугерирале, ќе ни требало долго лекување. „Тие, пак, што трошеа на чоколади, иако немаме дома леб, како што плачеше кумот Ставре, на крајот од баладава ќе се искапат во чоколадна купка од СЈО‟ - предвидува Фокус и завршува алудирајќи на зборовите на Ставрески во телефонскиот разговор со Јанкуловска во една од „бомбите‟: „Барем ‛да му ја скршеше главата‛ на кумот со мобилниот, ќе беше ХЕРОЈ.

Вака, само е еден од илјадниците послушници, особено што навреме разбрал дека Груевски ‛изгубил контакт со реалноста‛‟ - завршува Фокус, пак со потсетување на зборовите на Ставрески од телефонскиот муабет со некогашната прва полицајка.

Што се однесува до оставката на Ставрески, Република на насловната ги фали економските реформи на актуелната власт, поткрепувајќи го тоа со наслов: „Македонија со историски најниска невработеност од 24,5%‟. Ставрески го прогласува за „најуспешен министер за финансии‟ - повторно во историјата на Македонија, потсетувајќи дека се повлекол од „здравствени причини‟, редејќи ги неговите успеси во привлекувањето странски инвестиции, поддршката на домашната економија, подигнувањето на стандардот на граѓаните... подвлекувајќи дека успехот на Ставрески е дотолку поголем што сите овие резултати биле постигнати кога во светот и во Европа, како што пишува, „царуваше... и беснееше големата економска и должничка криза‟, а дома повеќе од две години на сила била политичката криза креирана, од кого, ако не од СДСМ.

„ЕУ бара некој да го изгасне телевизорот, но никој не се фаќа за далечинскиот‟ - пренесува Глобус дел од мислењето на професорот на Правниот факултет во Скопје, Ненад Марковиќ изнесено во емисијата на македонски на Гласот на Америка. „ЕУ смета дека поделила домашни задачи и со тоа работите ќе тргнат‟, продолжува неделникот, „Груевски се загледал во телевизорот и изигрува ноншаланција, Ахмети анализира зошто партијците му се немирни и оставаат куршуми по градоначалнички канцеларии, а Тачи размислува како да му земе некое место на конкурентот во поделбата на картите... Никој нема сила да стане и да го згасне далечинскиот!‟ - заклучува Глобус, давајќи им за право на аналитичарите кои проценија дека истекот на првата половина на јуни покажала дека ниту еден фактор не успеал да се наметне како водечки во изнаоѓањето излез од кризата.