Образот на Иванов на тапет во Собранието

Протест во Скопје поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на политичари и други лица

Власта и опозицијата со спротивни ставови околу одговорноста на претседателот Ѓорѓе Иванов која е на дневен ред во Собранието. Експертите не се сомневаат дека импичментот нема да помине.

Опозиција:

За СДСМ, кој ја иницираше постапката за импичмент, претседателот Ѓорге Иванов ги злоупотребил својата положба и овластувањата и ја пречекорил својата надлежност. Социјалдемократскиот сојуз смета дека со одлуката за аболиција, Иванов прекршил повеќе членови од Уставот, без да размисли за последиците од постапката.

„На секој граѓанин на Република Македонија, на секое мало дете му е јасно дека оваа одлука за аболиција, Ѓорге Иванов не ја донесе со некое длабоко размислување, заклучоци и анализи, туку ја донесе бидејќи Никола Груевски така му нареди“ ,изјави Панче Орцев од СДСМ

Власт:

За владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак, одлуката на Иванов е законска и легитимна. Веруваат дека претседателот Иванов имал добри намери кога се одлучил на таков чекор.

„Уставот на Република Македонија не е прекршен. Зад претседателот Иванов на последните избори застанаа 550 000 граѓани на РМ, бројка која не е за занемарување како легитимитет и легалитет. Тоа е најголемата бројка којашто кој било претседател на државата во овие 25 години ја добил како поддршка за негов избор“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Експерти:

За експертите не е спорно дека донесувањето на аболицијата на претседателот не беше во насока на помирување. Напротив, донесувањето на тој акт значеше купување време за подготовки на она што ќе следува, вели професорот Никола Дујовски според кој треба да се стави акцент на личната и морална одговорност на претседателот, а не толку на правната основаност за неговите политики.

„И во претседателскиот кабинет, но и во партијата што него најмногу го поддржува има сериозна дезориентираност. И не се водат политики коишто се реални и одржливи за РМ. Туку се политики коишто на дневна основа треба да поправат некои ситуации“, изјави Дујовски

Од почетокот на својот мандат, претседателот Иванов никогаш не се однесуваше како претседател, туку како избраник и член на ВМРО-ДПМНЕ, категоричен е политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

„ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе продолжи да го брани претседателот, како човек кој ја врши својата работа во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Единствен што изгуби во оваа ситуација е претседателот. Го изгуби кредибилитетот и меѓународниот углед кој е на најниско ниво“, изјави Демири.

Аналитичарите се убедени дека импичментот нема да помине, зошто е невозможно да се обезбеди двотретинско мнозинство во собранието кое ќе ја поддржи таа иницијатива. Импичментот на Иванов е прв во историјата на независна Македонија. Според процедурите и доколку се соберат 82 гласа, постапката оди во Уставен суд, а уставните судии со 2/3 мнозинство ќе го имаат последниот збор за тоа дали претседателот ќе биде разрешен.