Спортскиот центар и паркот во Ајдучко маало се единствените две места во Тетово каде постојат детски катчиња на отворено, кои од друга страна се тотално оштетени и не можат да се користат. Лизгалките, клацкалките и нишалките се искршени, па поради тоа за децата во градот речиси и нема места каде може да си играат, велат анкетираните тетовци.
Колку што знам нема доволно места. Само игротеките и тоа во затворен простор. Надвор на отворено нема паркови или некои спортски игралишта, нема доволно место.Анкетиран граѓанин.
„Колку што знам нема доволно места. Само игротеките и тоа во затворен простор. Надвор на отворено нема паркови или некои спортски игралишта, нема доволно место.“
„Нема каде во Тетово децата да играат, немаме никаде ништо.“
„Нема ништо, се е узурпирано.“
„Гледам се жалат. Имам сосетка една вика во Битола на пример има повеќе паркчиња, а овде кај нас слабо.“
Недостиг од места за децата постои и во градинките. Потребата за згрижување на децата додека родителите се на работа како и желбата да се социјализираат со врсници е причина за големиот интерес за запишување во градинките. За да добие место во градинка речиси секое дете поминува на така наречена листа на чекање.
„Оваа година ни заминуваат 290 во прво одделение во училиште. Така што тие места ги сметаме како сигурно слободни. Па оваа година работевме на тоа заедно со општина Тетово и УНИЦЕФ каде што се отворија центрите за ран детски развој во руралните средини со тоа доволно се намали бројот, бидејќи ако тие деца доаѓаа во објектите во Тетово сигурно дека ќе имавме проблем. Се работи на тоа да се продолжи со отворање на такви центри за ран детски развој и во други места. Инаку се работи и на отворање на делови на некои објекти“, вели директорката на градинките, Рамије Даути.
Иако пред неколку години општината го доби спортскиот центар и стадионите во владение состојбата останува непроменета.
„Ќе размислуваме и за отворен повик за идејно решение. Има една разлика. Кај стадионите концесионерот се повлече во корист на општината, додека таму тоа допрва треба да биде еден процес“, изјави градоначалничката Теута Арифи.
Единствена надеж останува невладиниот сектор чии активисти повремено прават акции за реконструкција на парковите и спортскиот центар.
„За време на неколкуте еко акции ни се придружија повеќе деца и возрасни. Се приклучија кон акцијата и беа позитивно изненадени дека некој дошол и почнал да се ангажира за паркот“, истакнува Маја Петровска од Младински Образовен Форум.
Таа и колегите планираат обнова на клупите за седење и поставувaње дрвени нишалки во паркот во Ајдучко маало.