Шарените „револуционери‟ го продолжија својот протест против актуелната власт со блокирање на витални крстосници во Скопје и во други градови на Македонија. „Демонстрантите порачаа дека блокадите на булеварите во Скопје се начин на изразување револт и на тој начин сакаат да им укажат на граѓаните дека во Македонија со години се блокирани институциите‟, информира Утрински. Истиот весник информира за протести на граѓанското движење „Протестирам‟ и во Струмица, Тетово, Струга, Штип, Делчево... „Шарените протестираат, возачите пцујат‟, оди со наслов Вечер, а Слободен печат пишува дека „Блокираните раскрсници во главниот град се слика за блокираната Македонија‟.
Блокираните раскрсници во главниот град се слика за блокираната Македонија.Слободен печат.
Пред состанокот на ЦО на СДСМ, Дневник излезе со наслов: „Планот за радикализација го спреми Шарената револуција, Заев треба само да го пренесе во Партијата‟. Дневник објави колумна од Мирка Велиновска во која таа пишува дека Германија и Британија ја интернационализирале кризата во Македонија, а Слободен печат, поврзувајќи ја гатачката која наводно на Груевски му ја претскажувала неговата и иднината на земјава, повикува: „Дајте ја ваму гатачката, Мирка ќе го збудали Груевски!‟
Специјалниот пратеник на германската Влада, Хајндл беше во Скопје и замина. „Хајндл отвора пат за нова влада, сè се врти околу условите и датумот – обновување на преговорите, продолжување на процесите на СЈО и расчистување на патот за изборите – се трите задачи што ги побара Јоханес Хајндл‟, наслови Утрински по неговиот престој овде. Вечер поентата ја става на инсистирањето на Германецот дека „Излезот од кризата е Пржинскиот договор‟. Истиот весник, инаку, го објавува 9-то продолжение на „фељтонот‟: „Како Канвас ја урива Македонија, а ние молчиме‟.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И Вечер и Дневник ја објавуваат најновата анкета на Брима Галуп според која ВМРО-ДПМНЕ бил со огромна предност пред СДСМ. Слободен печат, пак, дознава дека „До крајот на јуни ќе има тазе техничка влада?‟
Штрајкува и судската администрација. „Надлежните молчат‟ - информира Утрински. Во јавноста е проширено убедувањето дека штом власта има некаков проблем, се појавува нова афера. Полицијата по којзнае кој пат ја наруши автономијата на Универзитетот „Кирил и Методиј‟ со приведувањето на шестмина професори од Економски факултет осомничени за примање мито. „Економски под лупа на обвинителсатвото‟, забележува Нова Македонија, а Вечер е сигурен: „Доказите се цврсти, професорите барале и добивале мито‟.
И, во политичкава криза што и економски се одразува на состојбите во земјава, следува ново задолжување на Владата: „Еврообврзницата се крчка, молк колку ќе тежи‟, читаме во Утрински, кој исто така објавува дека најдоцна до септември буџетот на државата ќе мора да претрпи ребаланс, откако станува сè поизвесно дека проектираниот економски раст во него од 4 проценти нема да се реализира и најверојатно ќе изнесува само 1,6 проценти.